Румен Радев нејќе ни да чуе Бугарија да ѝ даде оружје на Украина или да ја поддржи за НАТО

Бугарија и Унгарија се единствените земји во ЕУ и НАТО кои не даваат директна воена поддршка за одбрана на Украина


 

„Со целосно убедување не ја потпишав декларацијата за пристапување на Украина во НАТО, бидејќи тоа сега значи војна НАТО-Русија“. Со вакво објаснување бугарскиот претседател Румен Радев ја бранеше својата одлука да не им се придружи на деветмина свои колеги од Источна и Централна Европа (меѓу нив и Стево Пендаровски) кои го поддржаа влезот на Украина во НАТО.

„Ќе продолжам да бидам одговорен пред бугарските граѓани и, како претседател и врховен командант, ќе работам против вмешување на Бугарија во војната, без разлика со какви убави фрази се маскира ова. На ова прашање мора да гледаме крајно сериозно. “, изјави тој за новинарите во Прага, каде што учествуваше на состанокот на лидерите на ЕУ.

 Радев уште еднаш се изјасни против испраќањето оружје во Украина и ја критикуваше коалицијата „Демократска Бугарија“, која најави дека слична одлука предложи и во новиот парламент.

„Неверојатно е што на заднината на енергетската и економската криза низ Европа, ‘Демократска Бугарија’ брза да ја турне нашата земја во војна уште пред да биде свикан парламентот. Ако работеа со истата страст со која лобираат за Украина во НАТО за реформите во правосудството и за интересите на бугарските граѓани, сега јавната тежина на оваа формација би била поинаква“, рече тој.

Бугарија и Унгарија се единствените земји во ЕУ и НАТО кои не даваат директна воена поддршка за одбрана на Украина, но во новиот парламент има услови тоа да се промени.