Румен Радев не е за смена на министерот за одбрана по неговите изјави за инвазијата на Украина

Бугарскиот претседател мисли дека тоа би било ризик во ова време и дека за тоа ќе биде одговорна владејачката коалиција


Румен Радев и Стефан Јанев

 

Бугарскиот претседател Румен Радев не е наклонет на предлогот на премиерот министерот за одбрана Стефан Јанев да биде разрешен од функцијата поради неговите несоодветни изјави за руската инвазија на Украина.

„Смената на министерот за одбрана среде воена криза во соседството е ризик за кој е одговорна владејачката коалиција. При изборот на министер мнозинството мора да се раководи од разбирањето на суверенитетот, професионалната компетентност и способноста да го брани бугарскиот интерес“, рече Радев.

Стефан Јанев пред некој ден преку Фејсбук рече дека инвазијата на Украина не била војна, затоа што рускиот претседател Владимир Путин самиот не ја оквалификувал како „војна“. Во изјавите за медиумите потоа тој се дообјаснуваше, но сепак остана на својата позиција. Во неделата вечерта тој објави дека нема да поднесе оставка по огромниот притисок што се создаде во јавноста поради неговите ставови. Премиерот Кирил Петков денеска најави дека ќе побара разрешување на Јанев и дека за тоа добил согласност од четирите партии во владината коалиција. Владата расправа денес за тоа негово барање, а одлуката за разрешувањето треба да се најде утре на седница на собранието.

Стефан Јанев беше премиер на службената влада именуван од претседателот Радев.

Радев уште рече дека претседателите на источноевропските земји упатиле општ повик до ЕУ да ѝ се даде на Украина забрзана европска перспектива со доделување кандидатски статус на преговорите за членство.

„Украина има право да постои и да има иднина во обединета Европа“, рече Радев.

„Не смееме да имаме илузии: последиците од оваа војна ќе бидат тешки не само за завојуваните земји, туку и за цела Европа и особено за Бугарија со нашата голема енергетска зависност. Енергетската криза ќе се продлабочи“, рече бугарскиот претседател.