Бугарија во потрага по влада: Радев им врачи мандат на Продолжуваме со промената


 

Бугарскиот претседател Румен Радев го врачи вториот мандат за формирање влада на Николај Денков, номиниран за премиер од партијата Продолжуваме со промената на поранешниот премиер Кирил Петков.

Радев рече дека Денков овој мандат го добива на првиот работен ден од новата година, кога традиционално си посакуваме здравје, мир и бериќет и кога на него се гледа со надеж и очекување за повеќе разум, дијалог и разбирање. Тој изрази надеж дека Денков и партијата Продолжуваме со промената ќе ја побараат потребната собраниска поддршка.

Денков рече дека во име на Продолжуваме со промената го прифаќа вториот мандат со јасна свест дека задачата е исклучително тешка и рече дека се убедени дека мора да се направи сѐ што е потребно за да се формира влада.

Денков го информирал претседателот на Бугарија дека одржале консултации со три парламентарни партии – Демократска Бугарија, БСП и Бугарски подем.

Продолжуваме со промената, ќе поднесе декларација со националните приоритети до собранието и при гласањето ќе се види дали има мнозинство за поддршка на нивната влада, објасни  Николај Денков.

Се очекува гласањето за декларацијата да се одржи на 5 јануари во Народното собрание, но рокот за враќање на вториот мандат според бугарскиот устав истекува на 12 јануари.