Румен Радев бара од Скопје раскин со „македонизмот“
Бугарскииот претседател бара од Македонија да ја признаела „историската вистина“, како што тоа го направила со Грција, и најави билатерален протокол од шест точки кој требало да биде усвоен до почетокот на ноември
По сѐ изгледа на разговорите на заедничката средба меѓу Урсула фон дер лајен, Шарл Мишел, Зоран Заев Јанез Јанша, Румен Радев и Оливер Вархеи биле неплодни затоа што веднаш потоа бугарскиот претседател ја даде една од најострите изјави во врска со Македонија во последно време, која траеше дури 14 минути.
Според Радев, „Македонија не може да ја помине катарзата. Нашите позиции се јасни. Сѐ додека нашите сонародници продолжуваат да бидат подложени на суптилна асимилација со текот на годините, кога им се потиснати основните права и не се интегрираат целосно во Македонија заедно со другите делови на нацијата, не можеме да кажеме ‘да’ за почеток на преговори“, рекол Радев пред почетокот на самитот, јавуваат бугарските медиуми.
Тој рече дека Софија очекува „раскинување со македонизмот и омразата спрема Бугарија и донесување јасни одлуки“.
Потоа додава: „Очекуваме да го искорениме говорот на омраза, заблудата и толкувањето на Бугарија од учебниците, спомениците, музеите, јавната политика, тогаш нашите луѓе се подготвени да кажат ‘да’. Сакаме јасни правно обврзувачки документи. Македонските Бугари да се рефлектираат во пописот. Сакаме како што беше призната историската вистина во односите со Грција, да се признае историската вистина во односите со Бугарија“.
Радев спомна билатералент протокол од шест точки кој требало да биде готов до почетокот на ноември. „Ние сме заинтересирани за заштита на правата на македонските Бугари. Учебниците не треба да водат кон омраза на рана возраст. Протоколот содржи одлуки што треба да се спроведат во текот на целиот процес на преговори. Ме интересираат задолжителните работи што мора да се направат до почетокот на преговорите за да се каже ‘да’“, рече Радев.
Тој го повтори и она што му го кажа на Вархеи за време на неговата посета на Софија – дека ЕУ мора да покажела солидарност со македонските државјани кои имаат бугарски пасоши. „Ова не е ниту вето ниту запирање на процесот, ние сакаме не повеќе од она што го сака секој наш европски партнер, да се почитуваат основните европски принципи и интересите на секоја земја-членка на ЕУ“, нагласи Румен Радев.