Рударството клучно за развојот, учествува со над 10 отсто во индустриското производство

Одбележан Денот на рударите - 28 август. Во Македонија има над 100 активни рудници кои заедно со своите придружни дејности вработуваат околу 10.000 луѓе


Рударството е еден од најважните сектори и придвижувач на нашата економија дури и во време кога се соочуваме со една од најголемите кризи во поновата историја, истакна денес во Пробиштип премиерот Димитар Ковачевски, на манифестација по повод одбележувањето на Денот на рударите – 28 август.

„Со повеќе од 10 отсто во вкупното индустриско производство на државата вашиот сектор е клучен за нашиот напредок. Во Република Северна Македонија имаме над 100 активни рудници кои заедно со своите придружни дејности вработуваат околу 10.000 луѓе. Убеден сум дека и понатаму овие рудници ќе продолжат со својата активна работа, со отворање нови работни места и со одржување на високите стандарди на условите и безбедност при работа за своите вработени и заштитата на околината“, рече Ковачевски.

Осврнувајќи се на рудникот „Злетово“ во Пробиштип, Ковачевски рече дека со амбициозна стратегија и план од стечај за краток временски период, успеа да се врати во кондиција и да го рестартира производството.

„Компанијата ‘Булмак 2016’, која управува со рудникот ‘Злетово’, но и со рудникот ‘Тораница’ дури и во време на криза и пандемијата е меѓу првите 30 компании во земјата според успешноста. Во целиот овој период во овие два рудника вработени се околу 800 лица, зголемено е производството и зголемени се платите на вработените во однос на претходните години“, рече Ковачевски.

Тој додаде дека во целиот овој процес на успешно работење свој придонес има и Владата, затоа што развојот на компаниите, но и инвестирањето во човечки капитал, како непроценлив работен потенцијал значи одржлив развој на општините и забрзан економски раст на земјата.

Тој нагласи дека била исправена една огромна неправда за рударите која се провлекуваше со години наназад.

„Со законските измени на Законот за пензиско и инвалидско осигурување што Владата ги направи во 2018 година го исполнивме долгогодишното барање на рударите. Сега во пензија заминуваат со навршување на 40 години стаж за мажи, односно 35 години стаж за жени. Тоа значи дека ако претходно рударите се пензионирале на 58 годишна возраст, по ново во пензија заминуваат на 50 годишна возраст, а во периодот од 2018 до денес ова право го оствариле 105 рудари“, рече Ковачевски. 

Тој додаде дека е обезбеден и континуиран раст на платите преку системски решенија, како минималната, така и просечната плата, која за месец јуни изнесува 31.869 денари.

„Во ова зголемување на просечната плата со 4,3 отсто учествува и секторот рударство и вадење на камен“, рече Ковачевски.

Премиерот Ковачевски истакна дека обезбедувањето на подобар стандард и услови за работа останува врвен приоритет.

Рудникот „Булмак 2016“ веќе доби дозвола за експлоатација и почнат е проект за отворање нов хоризонт за ископ од кој се очекуваат околу 800 илјади тони олово-цинкова руда. Изготвен е и проект за откопување 1,2 милиони тони рудни резерви од рудното наоѓалиште Плавица, а се инвестираат неколку милиони денари за инсталација на нова филтер преса за одводнување на рудниот концентрат.

На свеченоста на која беа доделени благодарници за најдобри рудари и бригади, беа присутни околу 800 рудари и раководствата од „Злетово“ и „Тораница“, министри и градоначалниците на Пробиштип и Крива Паланка.