Рубенс Корубин за „Независен“: Сликам, значи живеам
Каде е Рубенс? Во ателје. Што прави? Се радува на сликањето. Ова е секојдневието на нашиот соговорник Рубенс Корубин, за кое знаат само семејството и најблиските пријатели. Утревечер, од 20 часот, во Чифте-амам, целата македонска јавност ќе ја види јубилејната изложба со која авторот одбележува седумдесет години живот и четириесет и пет години од дипломирањето на Ликовната академија во Белград.
Корубин веќе долга низа години се наоѓа во самиот врв на современото македонско сликарство. Тој се изразува преку повеќе медиуми (сликарство, цртеж, графика, и мозаик), а неговите дела претставуваат ретки, совршени унии помеѓу темата и начинот на експресијата.
На изложбата ќе бидат прикажани негови нови дела, кои се настанати во последните неколку години. Покрај новосоздадените, истовремено, на изложбата ќе бидат поставени и постари дела во сопственост на авторот, дел од неговата лична колекција, со што таа добива и ретроспективен карактер правејќи пресек и на претходните фази во неговиот ликовен опус.
Дипломирал и магистрирал на Факултетот за ликовни уметности во Белград, во класата на проф. Младен Србиновиќ. Во 1977-1979 студиски престојувал во Париз во L’Ecole des Beaux Arts кај проф. Јанкел. Пред да замине во пензија, работел како редовен професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.
Покрај самостојни изложби, учествувал и на групни ликовни изложби во Париз, Њујорк, Сиднеј, Торонто, Лондон… Автор е на два монументални мозаика – „Пелинце“ и „Cupidae Legum Iuventuti“ на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Добитник е на пет национални награди, меѓу кои и на Гран-при на Зимскиот салон на ДЛУМ.
Во интервју за „Независен весник“ Корубин ги откри својот свет во ателјето и своите размисли надвор од ателјето.
Уште ли ви е радост сликањето во ателје?
– Ателјето е еден од моите најважни животни простори каде што со години го развивам и го реализирам мојот потенцијал. Тоа е чекор во еден паралелен свет кој честопати е надвор од законите на светот кој нè опкружува, но енергетски е силно поврзан и единствен. Сликањето за мене е допир во душата, емоционалната интелигенција и разумот, знае да изненади и да му даде важност и смисла на секој нов ден. Во ателјето имам сè и сешто. Безброј предмети, стари чаши, коски, интересни капи и влечки, предмети што не можам да ги идентификувам, кои се енигматични, и тоа на некој начин е мојата визуелна библиотека. Некогаш ми е потребен кодот на некој цвет, билка или предмет како патоказ или енергија за да влезам во креативниот процес. Во другиот дел на ателјето е библиотеката која исто така на свој начин отвора безброј слики, како што сликата знае да отвори една нова приказна.
Одбележувате своевиден јубилеј – седумдесет години живот и четириесет и пет години од дипломирањето на Ликовната академија во Белград. На што се израдувавте, на што тагувавте, што згрешивте и што научивте кога ќе погледнете наназад?
– Некои мислат дека поминало многу време, мене тоа ми изгледа страшно брзо. Во животот секогаш сум се натпреварувал со самиот себеси. Треба да се биде многу искрен во самокритиката и тоа помага да се совладаат ликовно јазичните бариери, да се создаде работна кондиција за да не ве плаши патот кој треба да се изоди. Да се биде еден вид самоук. Чувството дали сум направил доволно или премалку во изминативе децении е затворено прашање, останува она што ќе го направам денес или утре. Грешките или чувството за тоа што не сум го направил доволно, ми помогнале и тие имаат посебна вредност ако се сфатат правилно. Се чувствувам привилегирано со тоа што во животот сум можел целосно да се посветам на креативноста и да живеам од работата што најмногу ја сакам. Животот не дава две шанси и во тоа е неговата убавина и вредност и затоа времето што ми претстои добива уште поголема вредност, не сум веќе бесмртен.
Тешко ли е или ви причинува задоволство да сте на врвот толку години на современото македонско сликарство? Кој е мотивот за секоја наредни изложба?
– Благодарам, тоа е најубав комплимент за мене и за мојата работа. Мотивот за следната изложба е изненадувањето кое се појавува во процесот на работата – сликам, значи живеам. Тоа е како да влегувате низ еден влез во лавиринт, во кој никогаш не се враќате по стариот пат, туку се стремите да отворите нова порта.
Што да очекуваме од новата изложба?
– Генерациите пред мене го носеа товарот на сите авангардни движења, додека мене како наредна генерација, користејќи ги нивните искуства и постигнувања, целосно ме опседна идејата за интегрална слика. Со други зборови, предзнакот на припаѓање на каков било тренд или манифест сум го чувствувал како кафез од кој треба да се излезе. Темата на изложбата е „Ателје, радоста на сликањето“. Првпат на оваа изложба ќе изложам и дел од моето ателје во преубавиот простор на Чифте-амам, цртежи и скици кои заедно со целата визуелна архива на предмети се дел од креативниот процес, кој сакам да го приближам до посетителите или, едноставно речено, како за миг да сте влегле во мојата кујна. На изложбата, исто така, ќе бидат изложени дела создадени во последните 5-6 години и меѓу нив за прв пат ќе има дела на кои е претставено Скопје од Сарај до Горно Соње. Сè на сè, вкупно ќе има 70, што значи другата половина од делата се дел од мојата лична колекција кои се собирани во текот на минатите 4-5 децении и прават еден мал ретроспективен пресек.
Покрај новосоздадените, истовремено на изложбата ќе бидат поставени и постари дела во ваша сопственост, дел од вашата лична колекција, со што таа добива и ретроспективен карактер правејќи пресек и на претходните фази во ликовниот опус. Имате ли омилена слика?
– Немам омилена слика, за мене лично сите тие си имаат своја вредност.
Уметноста царува во вашето семејство со генерации, почнувајќи од вашиот почитуван татко Миле, па сè до синот Михаил. Што ве советуваше татко ви, а што вие сега го советувате синот?
– Татко ми како наследство ми и ги остави следниве нешта: да бидам искрен и секогаш свој, да се чувствувам привилегирано што можам да водам уметнички живот. А јас на Михаил му го предадов огнот да биде негов чувар.
Не е тајна дека сопругата Лиле е ваша муза и го краси едно од најубавите ваши уметнички дела. Дали потрагата по убавината во вашите платна ја најдовте кај вашата поубава половина?
– Да, секако. Лиле е како вино кое станува сè поквалитетно во овие заеднички четири децении. Се појавува на повеќе мои платна, во разни улоги. Имам среќа што имам прекрасна сопруга и модел кој умее со себе да направи бесконечни трансформации, умее да изненади, збуни и израдува. Таа самата подолго време се занимава со моден дизајн и мозаик, нејзината природа е уметничка. Така што сјајот на бојата и ритамот на линијата се нејзиното писмо. Таа е добар соговорник бидејќи низ годините сме изградиле многу мостови и одлично се разбираме.
За вашите дела критичарите се имаат искажано дека се неповторлив сликарски приказ, но и дека шират енергија со исцелителска моќ, со ненаметливо, закрепнувачко дејство. А и вашето ателје во Сарај често за викендите и празниците е полно со пријатели и љубители на врвна уметност. Навистина како семејство ширите позитивна енергија…
– Благодарам, драго ми е за убавите зборови. Ако е тоа навистина така, ме прави многу среќен. Навистина во животот кога ни е најтешко знаеме да се пронајдеме во уметноста, таа умее да нè ревитализира, да ги врати сите атоми на свое место, да нè рестартира. Сакам луѓе и сакам да го покажам она што го работам. Секогаш е интересно како други очи ја гледаат сликата, па дури и кога не е завршена.
Негувате препознатлив, силен ликовен јазик во кој се испреплетуваат мотиви од различни времиња, а еднаш изјавивте дека се надевате дека ќе го развивате и со него ќе допрете и до други височини. Успеавте ли?
– Сè уште се трудам да успеам, играта не е завршена, се разбира дека силината или убедливоста на говорот е многу значајна бидејќи со тоа ги допирате другите луѓе.
Како сликате? Сами, во друштво, во тишина…?
– Сликам сам и во друштво со мојата сопруга Лиле, тишината многу ја сакам и покрај тоа што имам постојано зуење во ушите. Меѓутоа, многу ми е пријатно кога тишината ќе ја покрие гласот на Лиле читајќи нешто интересно од нашата голема библиотека.
Автор сте на мозаикот изработен на надворешниот дел од Меморијалниот центар во Пелинце и на мозаикот „Младината желна за закони“ на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот„ Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Ќе продолжите ли и понатаму со овој медиум?
– Секако, ако имам можност, сликата во камен припаѓа на овие простори од дамнина и секој нов предизвик би бил добредојден. Меѓутоа, времето донесе многу нови медиуми, а не знаеме што ново утре ќе донесе. Можеби ќе пробаме уште нешто.
Кој ви е омилен сликар? Дали меѓу нив е и Рубенс, чие име го носите?
– Немам омилени сликари, имам омилени слики. Што се однесува до Питер Паул Рубенс, чие име го носам, долги години во својата младост имав отпор кон него, чисто онака. Сега гледам, дека е еден од најголемите.
Како се релаксирате во слободно време?
– Чамче-муабет со кафе, секогаш е многу интересно и незаменливо. Семејството и секојдневните инспиративни и духовити разговори со нашите синови Дамјан и Михаил ме веселат, затоа што сега тие сè повеќе имаат што да кажат, а јас ги слушам.
Секако, со Лиле многу се радуваме на заедничките неделни ручеци кога доаѓаат Михаил и Каролина, Дамјан и Фросина. Тогаш разговараме сите во еден глас.
Кој е Рубенс Корубин приватно?
– Птица што трча.
Лејла Сабит Фото: Борис Грданоски