РСБСП: Биди подготвен за безбедно патување во зима, користи зимска опрема


Фото: Б. Грданоски

Апелирам до сите учесници во сообраќајот да бидат одговорни, да користат соодветна зимска опрема и да направат соодветна зимска проверка и подготовка на возилото. Дожд, снег, влажни и замрзнати колoвози, не дозволувајте ништо да ве изненади. Бидете подготвени за безбедно патување во зима, порача претседателката на Репубилчкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), Гордана Кожуваровска на денешната едукативна акција „Биди подготвен за безбедно патување во зима“, што ја организираа РСБСП и МВР, со поддршка од Мотоцентар и Скопје Сити Мол.

Фото: Б. Грданоски

Акцијата, која е во рамките на Зимската кампања 2020-2021, има за цел подигање на свеста за поголема употреба на зимска опрема во возилата и презентација на позитивните ефекти од употребата на зимската опрема. Во таа насока, покрај засилените сообраќајни контроли за поседување на зимска опрема во возилата, возачите денеска добиваа совети, едукативни материјали и ваучери за полесно обезбедување на соодветна зимска опрема. Возачите беа информирани и потсетени дека од 15 ноември до 15 март наредната година возачите имаат обврска за поседување на зимска опрема во возилата.

Фото: Б. Грданоски

Под зимска опрема за моторни возила со дозволена маса до 3.500 килограми, се подразбира, зимски гуми на сите тркала со минимална длабочина на шарите од четири милиметри или летни гуми на сите тркала со длабочина на шарите од четири милиметри и синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала.

Под зимска опрема за моторни возила со маса над 3.500 килограми се подразбира: зимски гуми на погонските тркала со минимална длабочина на шарите од шест милиметри или летни гуми на сите тркала со длабочина на шарите од минимум четири милиметри и синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала.

Зимски пневматици се оние пневматици кои на својата бочна страна имаат ознака: „MS“, „M+S“, „M&S“ и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва.

Фото: Б. Грданоски

– Во случај кога се користат зимски пневматици не постои обврска за поседување на синџири за снег. Исто така, особено важно е тоа што обврската за носење на зимска опрема се однесува за сите возила кои учествуваат во сообраќај на пат независно дали е тоа во населено или надвор од населено место. Комбинацијата, односно истовремена употреба на зимски и летни пневматици е исклучително опасна бидејки го нарушува процесот на управување на возилото, а посебно ја нарушува траекторијата на движење и запирање на возилото, посочуваат од РСБСП.