Ротердам ќе биде домаќин на Евровизија 2020


Холандија- Јубилејното 65-то издание на Изборот за песна на Евровизија ќе се одржи во Ротердам, соопшти денеска ЕБУ.

Во трката помеѓу холандските градови за организирање на Евровизија, Ротердам успеа да го победи конкурентот Мастрихт.

Полуфиналните вечери ќе се одржат на 12 и 14 мај, а големото финале на 16 мај во арената „Ахој“.

„Ротердам покажа голем ентузијазам и ангажман, а во исто време има вистинска инфраструктура за да биде домаќин на делегации од повеќе од 40 држави“, изјави извршниот продуцент на Песна на Евровизија, Јон Ола Санд.

Холандскиот пејач Данкан Лоренс победи на годинешната Евровизија во Тел Авив. Холандија првпат по 1975 година ќе биде домаќин на Изборот за песна на Евровизија, а до сега петпати беше организатор на музичката манифестација.

Поп-ѕвездата Тамара годинава ја претставуваше Македонија на Евросонг со баладата „Горда“ испеана на англиски јазик. Го освои високото седмо место, што е најдобар пласман на Македонија на престижниот музички настан.