Росоманските праски годинава со висок квалитет, откупната цена 28-30 денари за килограм


Во моментов во тек е откупот на росоманските праски кои оваа година, благодарение на поволните климатски услови, постигнаа висок квалитет, што придонесе тие да достигнат повисока откупна цена и се откупуваат за 28 до 30 денари по килограм, соопштија од Министерството за земјоделство.

Најголем дел од праските, како што се посочува, се извезуваат на европските пазари, дел оди во поранешните југословенски републики и дел останува за домашниот пазар.

„Сите откупни центри се отворени, полни со росоманска праска и откупот се одвива непречено. Сите учесници во процесот на откупување на праски, максимално ги почитуваат препораките на Владата, а доказ за тоа е посебната организација на работниот простор во откупните магацини, каде сите вработени се на соодветно растојание и целокупниот процес е приспособен на новите услови предизвикани од Ковид – 19“, потенцираат од Министерството.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, заедно со директорот на Државниот инспекторат за земјоделство Зоран Шапуриќ и градоначалникот на Општина Росоман, Бранко Јанев беа во посета на откупните пунктови на праски во Росоман.

Министерот Димковски им порача на откупувачите и производителите на праски дека треба постојано да бидат во добра комуникација, да нема манипулации со откупната цена и дека само така ќе остварат добри партнерски односи кои носат успех и резултати за сите учесници во процесот на производство и откуп.

Исто така, во текот на денешниот ден, како што се наведува, министерот Димковски го посети и Трстеник, регион, што неодамна беше погоден од временска непогода-град и беше нанесена штета на овошните и лозови насади.

И покрај тоа што штетите се на мали површини, Владатата преку локалната самоуправа формираше комисии кои се веќе на терен и ги лоцираат и утврдуваат истите и врз основа на тоа ќе бидат исплатени штетите на индивидуалните сопственици, од страна на владината комисија за штети, се вели во соопштението од Министерството.