Росица Мршиќ отвара шоурум во Ист гејт мол


Дизајнерката Росица Мршиќ, за чии ревии и промоции на колекции се бара покана повеќе, утре во 16 часот отвара шоурум во Ист гејт мол. Мршиќ, дипломец на Факултетот за визуелна уметност и дизајн во Ултрехт, Холандија, и интернационално етаблирана, секогаш не изненадува со својата иновативност, со доследноста на својот дизајн кој е во допир со актуелните модни текови, а сега и со предизвикот на шоурум во најголемиот регионален трговски центар, поблиску до верната публика и потрошувачи.

Дизајнерката која верува во ставот дека мора да постои креативен предизвик при создавање на секоја нова колекција, за творењето да биде оправдано, а сега и во услови на пандемија, кога физичките ревии можат да се избројат на прсти, се отвори потреба од шоурум каде љубителите на безвременските парчиња ќе можат да ги видат колекциите одблиску и можност да разменат искуство и совети лично со Мршиќ. Брендот Росица Мршиќ секоја сезона создава мали, внимателно креирани, лимитирани серии со минимално влијание врз животната средина.

Креациите ѝ се секогаш  со едноставен моден израз, со чисти линии и ја следат силуетата. Но едноставноста е само привид. Специфичните материјали, но природни, како свила, памук и тафта, актуелните бои и модните додатоци чинат чуда и го засилуваат впечатокот на урбаноста и следењето на трендови. Затоа досега по ревиите на Росица има(в)те чувство дека сте откриле еден нов моден свет во кој и вие се чувствувате млади.

Основан во 2009 година, Росица Мршиќ е меѓу првите македонски брендови кој работи по принципот на одржлива и бавна мода. (Л.С.)