Рошин Марфи направи одлична журка


Поранешната пејачка на популарната група „Молоко“, Рошин Марфи, направи одлична журка во саботата во Скопје. Нејзиниот настап беше во рамките на прославувањето за ребрендирањето на мобилниот оператор ВИП во „А1 Македонија“.

Прославата ја почна бендот „Фанк шуи“, кој добро ја загреа публиката за долгата музичка ноќ. По него, настапи миленикот на сите генерации Влатко Лозаноски, кој ги отпеа своите најголеми хитови, кои публиката ги пееше во еден здив. Вечерта продолжи во настапот на Каролина Гочева и Македонската филхармонија. Овој „рецепт“ е веќе проверен и секогаш го задоволува гладот на љубителите на поп-музиката. Гочева изгледаше грациозно и одлично звучеа заедно со Филхармонијата.

Рошин Марфи беше „црешата“ на вечерта. Одлична продукција на нејзиниот настап како целина. Рошин постојано се пресоблекуваше, а во исто време пееше и играше. Промени неколку стајлинзи во текот на 90-минутниот настап, но секогаш носи нешто екстравагантно и дречливо.

Комбинацијата на електромузика со нејзиниот нежен, а силен глас беше полн погодок за добра журка. Марфи на светската музичка сцена е активна од 1994 година, па сè до денеска. Љубителите на трип-хоп музиката и нежните вокали најмногу ја паметат по музичкиот состав „Молоко“. Песните како „Sing it back“ и „The Time is now“ кои Марфи ги отпеа во овој состав станаа хитови на неколку генерации.

Вечерта ја заокружи диџејот Але Фарбен.