Рош Македонија и Фармацевтскиот факултет при УКИМ потпишаа Меморандум за соработка


Рош Македонија и Центарот за кариера на Фармацевтскиот факултет – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ со потпишување на Меморандум за соработка ја официјализираа соработката меѓу глобалната иновативна здравствена компанија и високообразовната институција. Соработката ќе се одвива во научната и стручна дејност од областа на фармацијата, информираат од компанијата Рош.

Во соопштението се наведува дека меморандумот за соработка отвора можност за потесна заемна комуникација помеѓу компанијата и академската средина, со цел да создадат подобри студиски програми конкурентни на пазарот на трудот, како и проширени цели и нова средина за учење.

– Како фармацевтска и биотехнолошка компанија којашто е предводник во создавањето иновативни терапевтски и дијагностички методи, го знаеме значењето и потребата од најсовремените научни заклучоци, теориска и практична емпирија во создавањето квалитетни високообразовани кадри во здравствениот сектор. Затоа ги вложуваме нашите ресурси и веруваме дека со заеднички ангажман ќе создадеме млад, стручен кадар, којшто ќе има можност да ги следи современите трендови во областа на биотехнологијата и дијагностиката и на тој начин ќе се оспособи за да ги поместува границите на ефективна здравствена заштита, истакна д-р Александра Ивановска, директорка на Рош Македонија.

Од Рош Македонија најавија дека соработката ќе биде фокусирана на заемна размена на информации и искуства, стручна, научна и техничка поддршка во изготвување на експертски анализи, реализација на практикантство на студентите на Факултетот за времетраење на студиите, едукативни и консултативни активности, како и организирање и учество на научни и професионални состаноци, конференции, симпозиуми и други форми на образование.

На потпишувањето на Меморандумот присуствуваа и деканот на Фармацевтскиот Факултет проф. д-р Зоран Стерјев и раководителот на Центарот за кариера проф. д-р Јасмина Тониќ Рибарска.

Тие заклучија дека со овој Меморандум, македонските студенти добиваат ретка но вредна можност за збогатување на својата едукација со искуства и експертско знаење од една од најиновативните компании во фармацијата што значително ќе го зголеми нивото на стручност, професионалност и конкурентност на македонските фармацевти на глобалниот пазар на трудот.