Роналдо ја помина границата од 100 гола за репрезентацијата на Португалија


Шведска– Најдобриот португалски фудбалер, Кристијано Роналдо го постигна својот 100-ти гол за националниот тим. Тој синоќа на гостувањето во Стокхолм против Шведска (2:0) во 2. коло во Лигата на нации, два пати ја затресе противничката мрежа, а првиот погодок во финишот на првото полувреме беше 100-ти за Роналдо во репрезентативниот дрес.

Во вториот дел Роналdо уште еднаш се запиша во листата на стрелците за негов 101-ви репрезентативен погодок.

Така, 35-годишниот напаѓач стана вториот фудбалер во историјата што ја надминал оваа граница. Рекордер по бројот на голови за националниот тим е Иранецот Али Даеи, кој постигна 109 голови.

Меѓу европските фудбалери, Роналдо е прв кој стигна до 100 или повеќе погодоци. Најблискиот до него е легендарниот Унгарец Ференц Пушкаш кој во својата кариера даде 84 гола.

Покрај тоа, Кристијано има 165 настапи за Португалија. До европскиот рекорд по број на репрезентативни натпревари го делат 11 средби, а до светскиот рекорд – 19.