Роналдо исфрлен од составот на Манчестер јунајтед


 

Кристијано Роналдо нема да биде во составот на Манчестер јунајтед за саботното премиерлигашко дерби против Челзи, официјално соопшти вечерва клубот, додавајќи оти сите останати фудбалери се подготвени и фокусирани на претстојниот натпревар.

Португалецот се најде на удар на жестоки критики откако го напушти вчерашниот натпревар против Тотенхем пред неговото завршување. Роналдо ќе го пропушти следниот натпревар, а нема да тренира со првата екипа ниту во следните три денови.

Британските медиуми јавија денеска дека Роналдо на дуелот против Тотенхем, исто така, одбил да влезе во игра од клупата за резерви и го напуштил стадионот „Олд Трафорд“ во 89. минута.

Ова не е првпат оваа сезона Роналдо да напушти натпревар на својот тим пред судијата да означи крај. Истото го стори и на полувремето на пријателскиот натпревар против Рајо Ваљекано откако беше заменет.