Ромите не ги признаваат резултатите од пописот, им „фалат“ 50 отсто


Штотуку објавените резултати од пописот кажуваат дека од вкупниот број на попишани резидентни граѓани, Ромите се  1,3 отсто, а нерезидентно 1,02 отсто. На тоа реагираа од ромската организација „Ајава“ порачувајќи дека се избројани само половина и дека бројката не е реална. 

„Според нашите проценки базирани на официјалните државни податоци, од 2002 година до 2020 година вкупниот број на родени Роми изнесува 32.000 Роми, додека бројката на умрени изнесува 8.500. Според овие податоци, природниот прираст изнесува околу 24.000 Роми. Споредбено со другите заедници, без етничките Албанци, Ромите имаат најголем експоненционален природен прираст.

Покрај податоците на родени Роми, податоците за Роми во образовниот систем укажуваат на во просек 15.000 Роми ученици во текот на една училишна година. Земајќи го во предвид и податокот дека околу 5.000 Роми не се дел од образовниот процес поради различни причини, произлегува дека во државата имаме околу 20.000 деца на училишна возраст Роми. Доколку се земе во предвид дека едно ромско семејство брои во просек 5 члена, бројката укажува на 100.000 Роми во државата.

За бројката на Роми во државата говорат и податоците од АВРСМ, каде што во текот на 2020 година имаме 14.401 активен барател на работа и 3.410 пасивни баратели на работа. Воедно, според нашите податоци постојат околу 10.000 Роми кои не се регистрирани во системот на баратели на работа. Проекцијата и на овој збир укажува дека во државата треба да имаме околу 100.000 Роми.

Процентот од 2,53 отсто или 46.367 Роми резидентно население не е ниту 50 отсто од бројката на Роми која живее во државата. Потсетуваме дека во текот на пописот се затекнаа манипулации на терен со ромското население, се  попишуваа Роми под друга етничка припадност и се истакнуваа неправилностите во време на траењето на пописот…

По забележувањето на манипулациите и неправилностите на терен реакциите на Ромите беа дека податоците од овој спроведен попис нема да бидат признаени од страна на ромското население. Тоа се докажа и со објавувањето на денешните резултати – процентот на Роми во државата не е 2,53 отсто. Гледајќи ја бројката и нотираните неправилности и манипулации, овој попис го сметаме за невалиден.

Целта на спроведувањето на пописот е генерирање на статистички податоци за креирање на политики, меѓутоа со оглед на тоа што овој попис не ја прикажува вистинската слика за процентот на Роми, сметаме дека спроведениот попис нема да помогне во креирањето на политиките во државата. Во овој период дополнително сме во процес на тестирање на базите на податоци од државата кои го имаат податокот на етничка припадност. Пописот како статистичка и политичка операција не завршува со објавување на податоците“, порачаа од Ајава.