Ромео: Процесот на проширување не е мртов и не треба да се разочаруваме

Западен Балкан е дел од Европа и треба да биде дел од ЕУ. Процесот на проширување не е мртов и не треба да се разочаруваме и во најскоро време се надеваме дека ќе успееме да го предложиме во Европскиот совет, изјави амбасадорот на Италија Карло Ромео, во интервју за телевизија „Телма“.

Нагласи дека позицијата на Италија е дека Западниот Балкан е дел од Европа и треба да биде дел од Европската унија.

– Повторувам дека процесот на проширувањето на Унијата е едно од главните политики и линии кои што ги држи Европската унија и се надевам дека во блиско време ќе може да се преговара за влезот на овие држави во ЕУ. Сакам да кажам дека процесот на проширување не е мртов и не треба да се разочаруваме и во најскоро време се надеваме дека ќе успееме да го предложиме во Европскиот совет, изјави Ромео.

Посочи дека и италијанскиот премиер Џузепе Конте, веднаш по Европскиот совет, посочил дека поголемиот број на европски држави биле за отпочнувaње на преговорите со Северна Македонија и со Албанија.

– Италија секако ќе се залага повторно да ја воведе темата за проширување на Европската унија во најкраток можен рок, по можност на претстојниот Совет за општи работи на Европскиот совет. Секако ќе работи исто така и на надминување на сите пречки кои што беа наведени од земјите што не се согласуваа со отпочнувањето на преговорите, секако за да се одблокира отпочнувањето на преговорите. Се надеваме дека Северна Македонија и Албанија ќе продолжат да работат на реформите на државите затоа што реформите се многу битен пат за отпочнување на преговорите, изјави Ромео.