Романскиот министер за полиција поднесе оставка по убиствата на тинејџерки

Романскиот министер за внатрешни работи Николае Мога рече дека поднесува оставка откако две тинејџерки беа убиени.
Убиствата ги разбеснеа жителите на оваа земја поради наводно несовесното постапување на полицијата.
Мога, по разговорот со премиерката Вјорика Данчила рече дека се повлекува, по само шест дена откако стапи на должност, пренесе АП.
Тој наведе дека на неговиот потег треба да се гледа како на нов почеток за Министерството за внатрешни работи.
Неодамнешното убиство на Александра Макесана (15) предизвика бес во јавноста затоа што полицијата не реагирала навремено на нејзините телефонски повици дека е киднапирана.
Полицијата имала проблеми да ја лоцира девојката, затоа што користела погрешна технологија, а барала и непотребни налози за претрес, кога по 19 часа е пронајдена во куќа на маж кој ја киднапирал.
Дополнително, откриено е дека мажот убил и 18-годишна девојка исчезната во април годинава.