Романот не е роман ако нема есеј и мудрости: Книжевен портрет на Венко Андоновски


На Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје синоќа се одржа  Книжевен портрет на Венко Андоновски, универзитетски професор, романсиер, драмски писател, филмски сценарист, книжевен критичар и теоретичар на литературата.  

Разговор со авторот водеше проф. д-р Кристина Николовска, а присуствуваа негови колеги и студенти.

null

„За мене романот е жива органска форма, која постојано еволуира, со која треба да се експериментира и која не може точно да се дефинира. Дури, мислам дека секој романсиер, со секој новонапишан роман дава своја сопствена дефиниција на овој жанр. Убаво е да се тестираат границите на романот, да се види до каде може да се „растегнува“ тој како жанр, а да остане роман. И се разбира, за мене романот не е роман ако нема есеј и мудрости. Тоа не значи дека не ги почитувам другите романсиери, кои не мислат така. Некој го сфаќа романот како германски фудбал: брза игра и ефектен гол. Не ми пречат тие романи, ги читам и јас. Но јас повеќе сакам да играм со топката на јазикот, да „дриблам“, како што велат фудбалерите. Романот за мене не е само приказна, туку величествен означителски настан, смрт во обичниот и воскресение во небесниот јазик, ќе истакне Андоновски во еден од своите интервјуа. 

Андоновски (1964, Куманово) е еден од најпопуларните драмски писатели во последниве десетина години во земјава и еден од најчитаните македонски автори. Напишал над 30 книги од најразлични жанрови. Добитник е на сите домашни награди за проза, драма и критика, како и на меѓународните награди „Балканика“, „Кочиќево перо“, „Југра“ и Толстоевата награда „Јасна полјана”. 

null

На настанот беа изложени некои од делата на Андоновски кој е професор по книжевност на Филолошкиот факултет и дописен член на МАНУ. Неговиот роман „Папокот на светот“ е продаден во над 14 000 примероци, а „Вештица“ во над 8 000 примероци. „Папокот на светот“ во превод на руски, беше номиниран за Толстоевата награда во 2018 година. За француското издание на „Вештица“, пак, Милан Кундера, го споредува Андоновски со Херман Брох и Карлос Фуентес.

null

Поважни дела на Венко Андоновски се „Фрески и гротески“, „Припитомување на кучката“, „Азбука за непослушните“, „Ќерката на математичарот“ и „Папокот на светлината“.

Настанот го организираше Катедрата за македонска книжевност и култура на Филолошкиот факултет „Блаже Конески”.