Романија во длабока политичка криза: Парламентот го отфрли Мурешан за премиер


Зигфрид Мурешан

 

Романскиот парламент во средата го отфрли обидот на Зигфрид Мурешан да формира влада, со што се продлабочи кризата што започна по распадот на коалицијата во мај.

Претседателот Никушор Дан, независен политичар со умерени ставови, го предложи централно-десничарскиот европратеник Мурешан за оваа функција, но пратениците во Букурешт одбија да ја поддржат неговата кандидатура на клучнoто гласање во средата.

Мурешан освои само 182 гласа, што е далеку под потребните 233. „Партиите што ја предизвикаа политичката криза гласаа за нејзино продолжување“, изјави Мурешан.

Ова е вторпат парламентот официјално да го отфрли кандидатот предложен од Дан, а според романскиот устав, тоа значи дека сега постои можност за предвремени избори.

Сепак, Дан не сака да го распушти парламентот и да оди на национални избори кои веројатно би ѝ оделе во прилог на екстремно десничарската партија „Алијанса за обединување на Романците“ (АУР), која моментално води во анкетите. Тој сака политичките лидери, кои се во меѓусебен судир, да ги остават настрана разликите и да постигнат договор за поддршка на нова коалиција.

„Политичарите треба да гледаат кон луѓето што им го дале мандатот“, изјави Дан за време на посетата на Чешка, пред гласањето во парламентот во средата. „Кога огромно мнозинство Романци велат дека оваа криза треба да заврши, постојат добри шанси политичарите да бидат убедени да постигнат договор“.