Романија поднесе протестна нота поради „непријателскиот гест“ на Австрија за Шенген


Шефот на романската дипломатија, Богдан Ауреска, ја повика австриската амбасадорка во Букурешт, Аделхајде Фоли, за да и врачи протестна нота „поради неправедниот и непријателски однос на Австрија“ во однос на приемот на Романија во Шенген.

Од Министерството посочија дека ваквиот гест на Австрија ќе има последици за билатералните односи.

Протест имаше и поради неодамнешните изјави на австрискиот канцелар Карл Нехамер, според кого, романските власти поради Шенген вршат притисок врз австриските компании во оваа земја.

„Тоа тврдење е неприфатливо, бидејќи не одговара на реалноста“, наведуваат од романското Министерство за надворешни работи.

Претходно, членот на Европскиот парламент од Романија и поранешен министер за внатрешни работи, Василе Блага,  бурно реагираше на одлуката на Австрија која гласаше против. Блага го обвини австрискиот канцелар дека цело време ги лажел Романците и дека невлегувањето во Шенген зоната ќе создаде фрустрација во Романија и Бугарија. Блага сугерираше дека австрискиот министер за внатрешни работи и канцеларот играат руски игри.

„Ако некој победи од оваа нивна позиција, тоа е победа на Путин“, коментира тој. „Ти си канцелар и лажеш. Фронтекс вели дека Романија брилијантно си ја врши работата на границата. Австрија и Унгарија не го прават тоа, Хрватска не го прави тоа. Само политички ситни луѓе прибегнуваат кон такви лаги. Ова ќе создаде фрустрација во Романија и Бугарија и ако некој победи од оваа позиција, тоа ќе биде Путин бидејќи ќе создаде фрустрација и во Романија и во Бугарија“, рече Блага во емисијата „Национална публика“.

Блага порача дека е време Романија да престане да клечи кога е во прашање влезот во Шенген зоната и дека без разлика на вчерашната одлука, Романија ќе влезе во Шенген во 2023 година. Блага рече дека вистинските причини зошто Романија не доби зелено светло за влез во Шенген може да бидат внатрешната политика, економските притисоци и руското влијание.

За време на интервјуто тој уште еднаш ја нападна Австрија и политичарите во земјата.

„Речиси сите австриски политичари, со ретки исклучоци, во последните 30 години, по завршувањето на мандатот како канцелар или министер, стануваат вработени во разни руски компании. Тоа не е случајно“, коментира романскиот политичар.