Романија излезе од политичкиот ќор-сокак: По пет месеци формирана е влада
Романскиот парламент во вторникот ја одобри малцинската влада предводена од поранешниот дипломат Лука Никулеску, ставајќи крај на петмесечниот политички ќор-сокак и трите неуспешни обиди за формирање кабинет.
Никулеску, поранешен новинар, служеше како амбасадор на Романија во Франција од 2016 година, пред да се врати во Букурешт во 2022 година за да раководи со процесот на пристапување на земјата кон Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).
Повеќето министри во неговата влада припаѓаат на Социјалдемократската партија (ПСД) од левиот центар, која во мај помогна да се собори владата на десниот центар предводена од поранешниот премиер Илие Боложјан. Независниот кандидат Александру Назаре останува министер за финансии.
Романија се соочува со тешкотии во ставањето под контрола на својот буџетски дефицит, кој рапидно расте; кратењата на јавните расходи предизвикаа тензии што на крајот доведоа до пад на претходната влада во мај.
„Намалувањето на дефицитот е апсолутно неопходно. Но, нема да го намалиме дефицитот преку осиромашување на романскиот народ и задушување на економијата. Мораме повторно да изградиме силна економија, да ги елиминираме непотребните трошоци и да започнеме со реформа на администрацијата“, изјави пред парламентот лидерот на ПСД, Сорин Гриндеану, кој останува надвор од кабинетот.
Никулеску вети дека ќе привлече инвестиции, ќе отвори работни места и ќе ја зајакне Европа, предупредувајќи дека Романија се соочува не само со буџетска криза, туку и со криза на својот модел за економски развој.
Владата доби парламентарна поддршка од Националната либерална партија (ПНЛ) на Боложан, која ќе остане во опозиција. За возврат, Никулеску се обврза на фискално одговорен буџет за 2027 година, усогласен со целите на ЕУ за буџетскиот дефицит, додека ПСД истовремено се залага за зголемување на пензиите и платите во јавниот сектор.
ПНЛ се обврза дека нема да бара разрешување на владата пред март 2027 година.
Ралука Ница, извршен директор на „Vector Public Affairs“, изјави дека новата влада претставува „компромисна влада“ чија агенда „ќе биде доминирана од фискални предизвици“ и „управување со безбедносните ризици во регионот на Црното Море“, особено во услови на зачестени руски напади со беспилотни летала кои ги погодуваат романските крајбрежни области и поморскиот сообраќај. „Лука Никулеску за оваа улога носи солиден и кредибилен дипломатски профил. Неговата мисија е да го претвори консензусот, потребен за неговото именување, во консензус за ефективно управување“, додаде Ница.