Романија ѝ ја одзеде лиценцата на бугарската осигурителна компанија „Еуроинс“

Романскиот регулатор вели дека компанијата била несолвентна, таа пак тврди дека тоа е „непријателско преземања“


 

Романскиот Финансиски надзорен орган (АСФ) во петокот (17 март) објави несолвентност на најголемиот автомобилски осигурител во земјата, „Еуроинс“, компанија во бугарска сопственост која е дел од холдингот „Еврохолд“, потег што тој го оцени како „непријателско преземање“.

Во своето соопштение, АСФ рече дека одлучил „да го повлече овластувањето за работа на ‘Еуроинс Романија’, забележувајќи ги знаците на состојба на несолвентност на компанијата“.

Советот на АСФ ја донесе одлуката врз основа на анализа на солвентност која, наводно, покажува дефицит на потребен капитал за солвентност од над 400 милиони евра и минимален дефицит за потребен капитал од над 250 милиони евра.

Весникот „Либертатеа“ објави дека „стотините милиони евра што недостасуваат ќе ги плати државата – всушност, осигурениците“.

Претходната недела, компанијата предизвика расправија со политичарите поради веста за зголемување на цените на задолжителната одговорност од трети страни, најпопуларниот вид осигурување на автомобили. Ова доведе до стравувања за нејзиното финансиско здравје, а компанијата негираше дека се соочува со какви било тешкотии.

„Либертатеа“ цитира владин извор кој вели дека АСФ открила дека речиси сите средства на „Еуроинс“ во Романија биле префрлени во Бугарија.

Во петокот, „Еурохолд“ објави коминике во кое го нарече потегот на ASF „неодговорен“ и „непријателско преземање“ од страна на „организирана група“, додавајќи дека ќе ги оспорат процедурите за несолвентност бидејќи го прекршуваат правото на ЕУ.

Претходно, „Еурохолд“ се пожали на напади, па дури и на мафијашки притисок во име на некои актери на романската сцена.

„Еуроинс“, исто така, тврди дека ограничувањето на премиите за РЦА би значело дека Романија го прекршува правото на ЕУ и би довело до „огромно зголемување“ на цените за осигурување на автомобили. Тие, исто така, велат дека ситуацијата може да го загрози очекуваниот пристап на двете земји во Шенген зоната и пристапот на Бугарија во еврозоната.

„Еурохолд“ до денеска беше лидер на пазарот за граѓанска одговорност во Романија со пазарен удел од околу 25% преку својот осигурител „Еуроинс Романија“. Неодамна, компанијата беше предмет на инспекции од романскиот финансиски надзор и локалното обвинителство.

Стечајот на „Еуроинс Романија“ е уште еден голем банкрот на осигурителниот пазар во земјата. Пред околу една и пол година дојде до одземање на лиценцата и последователен банкрот на најголемиот осигурител во земјава – „Сити осигурување“, а неколку години претходно банкротираа уште две осигурителни компании во Романија – „Астра“ и „Карпатика“.

Главен аргумент за одлуката на романскиот осигурител од 17 март е непризнавањето на договорите за реосигурување на компанијата, како и наметнат услов за дополнителни технички резерви, што заедно доведе до потреба од дополнителен капитал во износ од околу 400 – 450 милиони евра, објасни на прес-конференција во БТА, шефот на супервизија и главен акционер во „Еурохолд“ (сопственик на „Еуроинс“) Асен Христов. (Според агенциите)