Рокот за поднесување барања за финансиска поддршка продолжен до четврток


Управата за јавни приходи го продолжи рокот за поднесување барања за финансиска поддршка за два дена, односно до четврток, 12 ноември 2020 година, соопшти вечерва УЈП. Барањата се однесуваат на финансиска поддршка за исплата на плати за компаниите и за самостојните вршители на дејност.

Барањата се поднесуваат до 10-ти во месецет за претходниот месец, меѓутоа како што појаснуваат од УЈП во соопштението до медиумите, одложувањето е поради подоцнежна објава во Службен весник на Правилникот за формата и содржината на барањето за финансиска поддршка за исплата на плати на работниците и Правилникот за формата и содржината на барањето за финансиска поддршка за исплата на финансиски средства на физички лица кои вршат самостојна дејност.

„Овие правилници се основ за достапност и поставување на обрасците БФП-ИП/2 и  БФС-СВД/2 на веб платформата на УЈП“, велаат од даночната управа. Од УЈП додаваат дека одложувањето е и поради масовно поднесување на барањата веднаш по поставувањето н ааобраасците на интернет страницата, што придонесе до преоптоварување на системот.

Инаку, оваа мерка е дел од Четвртиот пакет економски мерки што го донесе Владата, кој меѓу другото им овозможува на компаниите кои се погодени од здравствено економската криза со КОВИД-19 да добијат финансиска поддршка за исплата на плати за октомври, ноември и декември 2020 година, како и финансиска поддршка на физичките лица кои вршат самостојна дејност.