Рокас: Ќе ви помогнеме да ги имплементирате реформите, а вие искористете го моментумот
Како делегација на ЕУ ќе се фокусираме да ѝ помогнеме на Северна Македонија да ги имплементира реформите за членство во Унијата, но постои и голем моментум и во процесот на проширување, кој треба да се искористи.
Ова денеска при неговата посета во Куманово го рече евроамбасадорот Михалис Рокас, одговарајќи на прашањето дали по изборот на нова влада во Бугарија се очекува двете земји да седнат на маса за решавање на проблемот и дали ЕУ би се нашла во улога на медијатор во тој процес.
„Факт е дека во Бугарија има нова влада. Ги видовме пораките што се разменија за честитки на новата влада и ние го поздравуваме тоа. Во таа насока, од наша страна како ЕУ-делегација ќе се фокусираме да ѝ помогнеме на земјата да ги испорача реформите. Како што кажав, постои голем моментум и голема можност во процесот на проширување. Треба да се искористи тој моментум“, рече тој.
Според него, постојат сериозни и интензивни дипломатски активности за евроинтегративниот процес на земјата.
„Премиерот веќе на двапати го посети Брисел во декември. Постојат интензивни дипломатски активности во овој момент. Паралелно со овие дипломатски напори за надминување на прашањето со Бугарија нашиот фокус ќе биде на тоа да се спроведат и испорачаат реформите, кои произлегуваат од Реформската агенда која неодамна беше усвоена од вашата влада“,вели Рокас.
Посочи дека е повеќе од добредојдена секоја иницијатива што доаѓа од другата страна на Атлантикот, со цел да се унапредува евроинтегративниот процес на државата.