Рока: На државите ќе им помогне нешто слично на Маршаловиот план


Претседателот на Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина Франческо Рока ги повика владите да почнат да размислуваат за нешто слично на Маршаловиот план, кој им помогна на земјите да закрепнат после Втората светска војна.

Рока, кој е на чело на најголемата хуманитарна организација во светот која работи во 192 држави, е уверен дека на тој начин би им се помогнало на државите да се изборат со последиците од пандемијата на корона вирусот.

Тој предупреди дека кризата предизвикана од корона вирусот би можела да доведе до социјални немири, глад и хуманитарна криза и додаде дека Ковид-19 ќе има „големо општествено влијание во секој дел од светот“.

– Мораме заедно со институциите да го планираме општествениот одговор пред да биде предоцна, истакна Рока.

Маршаловиот план е направен во 1947 година, а со него САД ѝ помага на повоена Европа да излезе од кризата по Втората светска војна. Тој опфаќа помош од 13 милијарди долари за земјите во Европа заедно со Советскиот сојуз и неговите сојузници. Се спроведувал четири години и сите земји во Европа, без Германија, по неговото завршување доживеале економски раст.

За возврат државите требало да направат политики реформи и да дозволат некој вид надворешна контрола.