Ројтерс: Поранешната лидерка на Мјанмар Аунг Сан Су Чи е болна


Притворената поранешна лидерка на Мјанмар, Аунг Сан Су Чи е болна, а нејзиното барање да ја посети надворешен лекар беше одбиено од воените лидери на земјата, изјави утринава извор запознаен со ситуацијата и владата во сенка, пренесе Ројтерс..

Наместо надворешен лекар, 78-годишната добитничка на Нобеловата награда за мир ја лекува затворски лекар.

„Таа боледува од отечени непца, не може да јаде добро и чувствува вртоглавица и мачнина“, рекол изворот, кој одбил да биде идентификуван поради страв од апсење.

Портпаролот на воената хунта во Мјанмар не одговори на повиците од Ројтерс.

Оваа југоисточна азиска земја е во превирања од почетокот на 2021 година, кога војската ја собори избраната влада на Су Чи и ги разби противниците на воената власт. Илјадници луѓе беа затворени или убиени.

Префрлена во домашен притвор
Су Чи се соочува со 27 години затвор. Таа ги негира сите обвиненија за кои е осудена, од поттикнување и изборна измама до корупција.

Во јули, таа беше префрлена во домашен притвор од затвор во главниот град Најпидау.

Мјанмарската влада во егзил, формирана од противниците на воената управа и остатоците од претходната влада на Су Чи, рече дека здравствената заштита и безбедноста на политичките затвореници е одговорност на воената хунта.

„Меѓународната заедница треба да изврши притисок врз хунтата за здравствената заштита и безбедноста на сите политички затвореници, вклучително и Аунг Сан Су Чи“, изјави владиниот портпарол Кјав Зав за Ројтерс.

Многу влади повикаа на безусловно ослободување на Су Чи и на илјадници други политички затвореници, а некои земји, како што се Соединетите Американски Држави, Велика Британија и Европската унија, воведоа санкции за војската во земјата.