Рогозин им се закани на Црна Гора и Бугарија со интерконтинетални балистички ракети
Директорот на руската државна вселенска агенција Роскосмос, Дмитриј Рогозин, ѝ се закани на Црна Гора со интерконтинентални балистички ракети, откако го затвори нејзиниот воздушен простор за авионот кој требаше да го превезе рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Белград, објави порталот РТЦГ.
Лавров требаше да се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ, но посетата беше откажана по затворањето на воздушниот простор. Рогозин потоа се огласи на Твитер.
„Дали знаете за што е добар ‘Сармат’? Од кукавичките Бугари, одмаздољубивите Романци и Црногорци, кои ја предадоа нашата заедничка историја, нема да бараат согласност да летаат“, напиша Рогозин.
„Сармат“ е името на руската интерконтинентална балистичка ракета.
Според информациите објавени во медиумите, а кои ги потврди и портпаролката на руското МНР, Марија Захарова, воздушниот простор за авионот на Сергеј Лавров го затвориле Црна Гора, Македонија и Бугарија.