Рогозин и се закани на Бугарија со балистички ракети, ја прескокна Македонија


Дмитриј Рогозин

Апсолутно е неприфатливо за нуклеарна држава како Русија да прибегнува кон овој тип на закана од официјални лица, иако во  неофицијален капацитет, изјави во интервју за БГНЕС воениот експерт Велизар Шаламанов, поранешен министер за одбрана. Тој ја коментираше изјавата на шефот на „Роскосмос“ и поранешен амбасадор во НАТО, Дмитриј Рогозин, кој на Твитер напиша дека руските интерконтинентални балистички ракети „Сармат“ – „нема да бараат дозвола од Бугарите да летаат“.

„Добрата работа со стратешките ракети  „Сармат“ е што тие нема да бараат дозвола да летаат од кукавичките Бугари, злобните Романци и Црногорците кои ја предадоа нашата заедничка историја, како и од Швеѓаните“, рекол Рогозин не споменувајќи ја Македонија.

Според Шаламанов, овој вид разговори е уште понеприфатлив, бидејќи Роскосмос треба да се занимава со мирен развој на вселената, а не со нуклеарни закани. 

„Иако ова е неформална провокација, реакцијата на Софија мора да биде формална за да се запре  руската страна да ги преземе неопходните мерки за да не се случат такви провокации“, рече Шаламанов. 

Ова не е прв пат Рогозин да си дозволи да користи недипломатски јазик. Според Шаламанов, не се работи за техничките можности на ракетите „Сармат“ и дали тие можат да стигнат до Бугарија.

„Јазикот и тонот се важни. Важно е дека нуклеарните сили на Русија, кои мора да имаат карактер на одвраќање и заштита на нејзиното постоење, се користат во случај кога станува збор за спроведување санкции, кои на никаков начин не се насочени кон спротивставување или преминување кон воена конфронтација“ – изјави експертот за безбедност.

Конкретната причина за заканата од Рогозин, кој е познат по својот шарен јазик, е одбивањето на Бугарија да му дозволи да лета на нивното небо рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Европската комисија одби да ги коментира зборовите на Дмитриј Рогозин и додаде дека тие не коментираат  „глупости“ на Твитер.