Родителите потпишуваат потврди дали да одат децата во училиште


Родителите на ученици низ земјава добиваат анкетни листови за тоа дали ќе прифатат нивното дете да посетува онлајн настава или настава со физичко присуство. Со нив треба да се изјаснат дали сте согласни или не сте согласни нивното  дете да посетува настава во училиште според планот и протоколите на Министерството за здравство и Министерството за образование и наука. Со ваквиот анкетен лист најдобро ќе се знае расположението на родителите, но индиректно тие ќе ја преземат и одговорноста за одењето во училиште. Комисијата за заразни болести предложи родителите на учениците до трето одделение да изберат дали нивните деца ќе одат во училиште или ќе учат онлајн.

Комисијата за заразни болести  сметаше дека е многу ризично сите деца да се вратат во училиште без никакво ограничување во затворена просторија. Затоа излеговме со став дека наставата треба да почне да се одвива онлајн, освен во првите три одделенија каде е неопходно физичко присуство на децата.Овој став на Комисијата го базиравме на информациите и фактот дека ниту во една земја од Европа не може да се предвиди што може да се случи наесен. Во оваа ситуација, стравуваме дека транспортот од и до училиште, комуникацијата на децата на одморите, за време на влез во училиштето, во заедничките простории, во ходниците, во есен во која едноставно не знаеме со што се соочуваме, и што може да нѐ чека, е премногу ризично.

Анализата покажала дека кај најмалите стапката на заболување е најмала, некаде околу 3,4 отсто, и тие имаат сосем лесна форма на болеста или се практично асимптоматски носетели. Меѓутоа и овде е дадена и опција родителите да можат да одлучат дали нивните деца ќе посетуваат настава со физичко присуство или онлајн од причина што можеби некои родители имаат хронични болести или ги чуваат баби и дедовци кои се ризична категорија, па семејството е во поголем ризик. Училиштата, пак, каде има мал број на ученици, во согласност со родителите, ќе можат да донесат одлука дали ќе ја следат настава со физичко присуство.

Протоколите за физичкото присуство предвидуваат во училниците да нема повеќе од 20 деца, тие да седат на еден ипол метар дистанца, да носат маска, наставникот да биде цело време присутен со нив, да не се излегува за време на одморите, а почетокот на различни одделенија да биде со 10 минути разлика, за да не се сретнуваат многу деца на влезовите или при излезот на крајот на наставата.

Потврди поднесуваат и родителите на дечињата кои одат во градинка, но тие мора да докажат дека не можат да работат од дома.Конкретна одлука за нивното отворање се уште нема.

Средношколците пак не се задоволни од одлуката за целосна онлајн настава и најавија протест за 31 август. Тие бараат модели на комбинирано учење, во зависност од епидемиолошките услови. Нивните барања се:

1. Комбинирано или хибридно учење како најефикасен начин на учење за време на пандемијата, засновано врз епидемиолошката состојба на градовите. Училиштата да создаваат групи ученици што ќе одат на училиште и други преку интернет. Ротацијата на групите треба да се прави на секои два дена.
2.  Децентрализиран пристап наместо решение за сите групи, секоја општина и секое училиште треба да одлучат за најдобар и најбезбеден начин за посетување на часови.
3. Во стручните училишта, праксата треба да се изврши со физичко присуство, почитувајќи ги заштитните мерки.
4. Да се почитуваат мерките за здравствена хигиена со обезбедување на соодветни средства, вклучително сапун, рачни санитатори со најмалку 60% алкохол, тоалетна хартија и хигиенска хартија за дезинфекција.
5. Училиштата треба да се вратат во режимот за учење од далечина во случај кога различни групи или 5% од персоналот и учениците ќе излезат позитивни во 14 дена.