Родителите од Кочани бараат од Обвинителството да им каже кои се обвинети, а кои не се


 

Во 18,05 почна денешниот марш во Кочани на родителите на загинатите момчиња и девојки во дискотеката „Пулс“. Откако Обвинителството вчера соопшти за колку лица има поднесено обвинение тие јавен апел до јавниот обвинител да ги викне и да им објасни кои лица се обвинети, а за кои е запрена постапката. Сметаат дека за тоа треба да дознаат директно од обвинителите, а не од медиумите.

„Ние не сме правници, соопштението ни е дадено по членови и закони… и реално ништо не сфативме. Претпоставувам и другите родители, освен градоначалниците и обезбедувачите, не сфатиле. Сега ќе читам, оти во понеделник ова барање ќе го испратиме до Обвинителството“, рече мајката Марија Петрушева чиј син Андреј Панов загина и додаде: „Чувствуваме морална и човечка должност да се обратиме. Сметаме дека е од суштинско значење Обвинителството конечно и целосно да нѐ запознае со исходот од истражната постапка и со содржината на поднесениот обвинителен акт, кои лица се опфатени, а кои се изземени од одговорност, за да ги отстраниме сите дилеми кои се јавуваат кај нас. Неприфатливо е за нас да добиеме информации преку медиуми. Очекуваме транспарентност и директна комуникација“.

Со потресен јавен апел, Верица Трифунова – мајка на трагично загинатата Моника Спасова – повика на вклучување на Коалицијата за правично судење и и други невладини организации во борбата за, како што вели, правдата за нејзината ќерка и другите загинати, кои не починале од болест, туку биле „убиени од корупцијата и криминалот“.

Во нејзиниот апел, мајката директно ги повикува Биљана Ивановска, професорот Злате Димовски и поранешната антикорупционерка Слаѓана Тасева да бидат дел од мониторинг-служба која ќе го надгледува целиот процес – од обвинителни акти до донесување на судски пресуди. Таа побара да се вклучи и Европската унија во целиот процес. Таа најави дека нема да застане со својата борба сè додека не ги види, како што рече, „вистинските убијци“ изведени пред лицето на правдата.