Родителите на идните првачиња од Струмица преку ревија избираа училишни униформи изработени од средношколци


Родителите на идните првачиња од Струмица синоќа преку ревија ги избираа училишните униформи изработени од учениците и нивните ментори од текстилно-кожарската струка при СОУ „Никола Карев“.

Со финансисиска помош од еден милион денари од општинската каса средношколците треба да изработат униформи за околу 600 првачиања, кои своето образование треба да го започнат во општинските основни училишта на есен.

-Ние во Струмица вака го унапредуваме средното стручно образование и капацитетот на учениците и професорите преку добивање квалитетни и функционални производи кои ќе бидат според потребите на учениците, истакна градоначалникот Костадин Костадинов во обраќањето на ревијата.

Додаде дека покрај бесплатните униформи, Општината обезбедува и еднократна парична помош за семејства со прваче кое прв пат ќе биде запишано во општинските основни училишта во износ од 2 илјади денари, а ќе биде обезбеден и бесплатен училишен прибор за ученици од социјално загрозени семејства од прво до петто одделение.

Инаку, учениците од СОУ „Никола Карев“ неодамна изработија шкафчиња за учениците од основните училишта во рамки на проектот „Шкафче за секое дете“, кој, исто така, беше финансиски поддржан од Општина Струмица.