Родители интервенираат за поправка на оценки, се признава во кампањата „Бидете херои на чесноста“


Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Билјана Ивановска денеска, во рамки на кампањата „Бидете херои на чесноста“, беше во посета на основното училиште „26 Јули“ во скопската населба Шуто Оризари.

Како што информираше Ивановска, во спроведените анкети, ученици кажуваат дека често се соочуваат со неправда, со незаслужени оценки во одделението, дека најчесто родителите интервенираат за да се поправат оценките, кажуваат дека имаат притисок од родителите за да бидат секогаш одлични и така натаму.

– Затоа сметаме дека е многу важно да знаат да си градат вредности во себе, да не учат за оценки, туку да учат за знаење и од нив понатаму да произлезат професионалци, коишто ќе го градат ова општество. Тоа е нашата цел, нагласи Ивановска.

Таа подвлече дека родителите се појавуваат како клучни фигури, кои треба да им го осветлат патот на своите деца, покажувајќи дека потпирањето на „врските“ не е траекторијата што ја замислуваме.

Ивановска појасни дека станува збор за кампања што ја спроведуваат во 13 училишта во државата.

Директорката на училиштето, Бесаре Сејди појасни дека ова училиште е лоцирано во повеќеетнично општество, значи како еден микрокосмос на општеството.

– Во нашето училиште, нашите ученици веќе знаат што е корупција, запознаени се и мислат дека се краде од нивната иднина. За да ја задржиме иднината, за да имаат цел нашите ученици, да студираат, да останат во оваа наша убава држава, мислам дека сме тие кои треба да ги вградат тие вредности, чесноста и други убави вредности кај нив. Со кампањата почнавме од април, се вклучија наши ученици, родители и наставници, додаде директорката.

Таа им се заблагодари многу на колегите за нивниот голем ангажман.

– Се надеваме дека ќе имаме влијание и за понатаму, дека децата се нашата иднина, децата ќе бидат тие што ќе влијаат во нивните семејства, кај нивните соседи, во општеството и ќе се ангажираат против корупција, нагласи директорката на училиштето.

Оваа антикорупциска едукативна иницијатива, предводена од Државната комисија за спречување на корупцијата, е дел од поширокиот чадор на Активноста за антикорупција и интегритет, која ја спроведува Канцеларијата на Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) во Скопје, со финансиска поддршка обезбедена од УСАИД.