Родилка од Скопје позитивна на корона вирус


На денешната прес-конференција министерот Венко Филипче  соопшти дека денеска се оздравени рекорден број на заболени – 126.

-Ова е највисоката бројка на оздравени, и се надевам дека овој тренд ќе продолжи, рече Филипче.

Тој посочи дека за жал се регистрирани и двајца починати.

-Пациентка од Липково (Куманово) на 49 години, примена на 3 април со потешкотии во дишење и веднаш поставена на респиратор и 73 годишен пациент од Скопје, примен на 19 април во многу тешка општа состојба,  рече Филипче.

Тој истакна дека на Инфективната клиника се примени нови три пациенти, од кои една родилка од Скопје.

Министерот исто така најави дека ќе препорача на Владата веднаш да почне казнувањето место прво да се дава опомена за неносење маска, бидејќи било забележано големо прекршување на оваа препорака деновиве.

„Ќе предложиме санкции за неносење заштитна опрема да почнат веќе од утре или од вторник. Оваа мерка мора да се почитува. Сакам да им се заблагодарам на граѓаните што ги почитуваат овие мерки, кои, како што гледаме, даваат резултат. Со примената ќе превенираме и ќе го држиме процесот под контрола“, изјави Венко Филипче, министерот за здравство.