Род Стјуарт поради операција на срцето ги откажа годинашните концерти во САД и Мексико


Лондон – Британскиот пејач сер Род Стјуарт ги откажа преостанатите датуми од неговата турнеја низ Северна Америка за 2026 година, откако беше подложен на операција на срцето, објави ДПА.

Претходно, 81-годишниот пејач објави на Инстаграм дека ќе направи четиринеделна пауза за да се опорави од коронарен стент. Ова значи дека концертите во САД и Мексико што требаше да траат до септември ќе бидат откажани.

„Веќе се чувствувам подобро и брзо се опоравувам“, напиша рок-легендата. „Им благодарам на лекарите и медицинските сестри за неверојатната грижа. Жал ми е што ги откажувам овие концерти и што ќе ги разочарам моите обожаватели, но со нетрпение очекувам да се вратам на сцената и заедно да се забавуваме одлично“, додаде Стјуарт.

Рокерот имаше закажано концерти во американските сојузни држави Охајо и Илиноис, како и во Мексико, па шест последователни вечерни настапи во „Цезар палас“ во Лас Вегас, Невада.

Претставниците на Стјуарт соопштија дека тој „се чувствува многу добро“ по операцијата и им се вратил на своите нормални дневни активности.