Роберт Де Ниро ја доби еснафската награда за животно дело


САД– Годинешната награда на американското здружение на филмските актери SAG (Screen Actors Guild), за животно дело ќе му биде доделена на двојниот оскаровец и филмски доајен кого го сметаат за еден од најдобрите актери на својата генерација, Роберт Де Ниро.

Еснафската награда на Де Ниро ќе му биде доделена на свеченоста во Лос Анџелес, на 19 јануари 2020 година.

„Член сум на овој еснаф повеќе од педесет години. Чест ми е да ја примам награда“ на SAG-AFTRA, рече 76-годишниот актер.

Ѕвездата од „Таксист“, „Ловец на елени“ и многу други филмски хитови, така ќе им се придружи на претходните добитници на оваа награда, меѓу кои се Алан Алди, Елизабет Тејлор, Морган Фримен, Клинт Иствуд и Деби Рејнолдс.

Одлуката за доделување на наградата SAG-AFTRA ја носи американскиот синдикат на актерите кој го сочинуваат 160.000 актери, поради што има особена тежина. Се доделува на актер или актерка кои во текот на кариерата ги „негуваат највредните идеали на актерската професија“.

Де Ниро, кој во 2002 година беше соосновач на њујоршкиот Tribeca Film Festival (TFF), е добитник на некои од најзначајните признанија во сферата на културата во САД, меѓу кои и Претседателскиот медал на слободата, највисокото цивилно одликување, како и наградата на Центарот Џон Кенеди.

Наградите на SAG се сметаат за многу сигурна најава за потенцијалните добитници на најважната светска филмска награда Оскарот, чиешто доделување ќе се одржи на 9 февруари следната година, а годинешните номинации ќе бидат објавени на 11 декември.