РКЕ: Нема логика да работат топланите на високи температури


Во услови кога надоврешната температура  во текот на денот е околу 23 степени Целзиусови не гледам логика во вечерните часови да работат топланите, бидејќи на тој начин само се троши гориво кое има најголемо влијание врз крајната цена што ја плаќаат потрошувачите за потрошената топлинска енергија, порача денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски, потенцирајќи дека оваа година е невообичаено топла.

-Не можеме да им угодиме на сите потрошувачи. Нашата цел е оптимално да се води системот за да имаме намалени трошоци. Затоа не гледам причина за да има незадоволство од граѓаните што не се пушта парно во вечерните часови. Не верувам дека има граѓани кои се мрзнат после 20 часот на надворешна температура од 17 степени, рече Бислимоски во одговор на прашање на денешната прес-конференција.

Во изминатиот период, посочи, имаме намалени трошоци на гориво што ќе го евидентираме кога ќе ја правиме контрола за 2019 година, а ќе се одрази врз цената што ја плаќаат потрошувачите за 2020 година, како и кај порамнителните сметки што ќе ги добијат граѓаните по завршувањето на грејната сезона кои ќе бидат пониски.

-Прашањето кога се пушта топлинската енергија кај граѓаните е регулирано со Мрежните правила за дистрибуција на топлинска енергија и делумно со Правилата за снабдување со топлинска енергија. Кај нас официјално грејната сезона почнува од 15 октомври и трае до 15 април, а може да започне од 1 октомври и да трае до 30 април. Во периодот кога не е грејна сезона доколку се предвидува просечната  дневна температура за наредниот ден да биде помалку од 12 степени тогаш РКЕ дава налог наредниот ден  да се вклучат топланите, појасни Бислимоски и додаде дека годинава имало два такви дена – 7 и 8 октомври.

Во грејната сезона, согласно со мрежните правила за дистрибуција, потенцира, предвидено е во погон да се вклучат топланите доколку во 7 часот температурата е под 10 степени, а во вечерните часови нема потреба да се вклучуваат доколку во 18 часот температурата е над 15 степени Целзиусови.