РКЕ ги објави конечните цени за поскапувањето на струјата


Регулаторната комисија за енергетика во рамките на денешната подготвителна седница на која се одлучува за тоа колку ќе поскапи електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи на регулираниот пазар, на својата веб-страница ја објави и одлуката за одобрување на цената на ЕВН Хоме според блокови и коефициенти на поскапување во рамки на новиот тарифен систем.

 

Според објавените табели, домаќинствата кои трошат до 210 киловатчасови нема да видат којзнае колкаво финансиско олеснување во однос на вториот блок. Тие ќе плаќаат само 0,1 отсто поевтино, а цената за нив ќе биде 4,35 денари од киловатчас.

 
Во вториот блок кај домаќинствата кои трошат од 211 до 630 киловатчасови, основната цена се множи со коефициент од 1.07 отсто, а цената што ја бара ЕВН Хоме е 4,7 денари по киловатчас потрошена струја.
 
Третиот блок ќе плаќа за 20 отсто поскапо и цена од 5,27 денари по киловатчас за се што е над 631 киловати, па до 1.050 киловати.
 
Енормно е поскапувањето за домаќинствата кои трошат над 1.050 киловатчасови. Тие ќе плаќаат по 14 денари за киловатчас и за нив поскапувањето е за 320 проценти. Ниската тарифа, односно евтината струја, останува по иста цена за сите од 0,62 денари по киловатчас.

 

Кај малите потрошувачи, односно кај фирмите и другите субјекти кои остануваат на регулираниот пазар, периодот на висока тарифа ќе се плаќа енормно високо од 13,9 денари по киловатчас од 1 јули, односно за 314 отсто поскапо. Скап ќе биде и периодот на ниска тарифа, ќе се плаќа по 10,11 денари по киловатчас и ќе биде повисок за 230 проценти.

 

Според ТВ 24 струјата поскапува во просек околу 8% за трите блок тарифи, а четвртиот блок ќе биде со најголемо зголемување. Доколку не беа блок тарифите поскапувањето ќе беше за 17%.

Во креирањето на цената на електричната енергија, најголемо учество, од околу 40 отсто, има домашното производство на струјата кое е во надлежност на Елактрани на Северна Македонија (ЕСМ). Во формирањето на крајната цена влегуваат и трошоците на „ЕВН хоум“ и “Електродистрибуција“ – фирми од групацијата „ЕВН Македонија“, како и на државните компании – Националниот оператор на пазарот на електрична енергија (МЕМО) и Македонски електропреносен систем оператор (МЕПСО).Три од овие пет компании се во загуба во моментов.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека тарифниот модел кој го воведе власта е само маска за новото поскапување кое ќе стапи на сила од 1 јули. Зад неразбирлива пресметка за граѓаните, според нив, се крие енормно високото поскапување на цената на електричната енергија.

Еве за колк, според нивната пресметка,  ќе се зголеми струјата кај сите 4 блок тарифи:

БЛОК ТАРИФИ ( kW/h) за домаќинства

Прв блок 0-210 kWh – зголемување од 5,5%

Втор блок 210-630 kWh – зголемување од 10,3%

Трет блок 630-1050 kWh – зголемување од 18,3%

Четврт блок 1050 > kWh – зголемување од 138,7%

Најголем дел од домаќинствата, според оваа партија,  се наоѓаат во вториот и третиот блок и тие ќе имаат покачување од 10,3%, односно 18,3%.