РКЕ доби препорака за набљудувач во Aгенцијата за соработка на енергетските регулатори на ЕУ


Регулаторната комисија за енергетика е на пат да стекне статус набљудувач во Aгенцијата за соработка на енергетските регулатори (ACER – Agency for the Cooperation of Energy Regulators), откако Секретаријатот на Енергетската заедница (ЕЗ) даде позитивно мислење дека се исполнети обврските и условите од Третиот енергетски пакет. Ова се вели во писмото кое директорот на Секретаријатот на ЕЗ, Јанез Копач, го известил претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.

Бислимовски, на прес конференција истакна дека во анализата доставена од ЕЗ до АЦЕР се нотира дека „РКЕ ја докажа способноста и посветеноста кон развивањето регулаторни правила под притисок и со висок квалитет и покажа целосна сопственост врз процесите и го искористи својот независен статус даден согласно законот. Регулаторот покажа подготвеност и способност да се спротивстави на потенцијалните влијанија врз независноста што му се дадени според законот и да ја одбрани својата автономија. РКЕ покажа највисока експертиза, стандарди и посветеност за навремено развивање на регулаторните правила како што се бара според Законот за енергетика и воспостави напреден пазарен модел со висок степен на пазарна ориентација. Според тоа, подготовката на регулаторните акти во секторот на електричната енергија може да се смета за завршена“.

„Писмото е потврда дека се што направи РКЕ во изминатите две години е верификувано од страна на ЕЗ. Во писмото е наведено дека РКЕ и де јуре и де факто ги исполнува критериумите на европското законодавство во однос на енергетиката“, рече Бислимоски.

Тој додаде дека препораката од ЕЗ е испратена и до Aгенцијата за соработка на енергетските регулатори со седиште во Љубљана, како и дека станува збор за здружение на европските регулаторни тела на ЕУ формирано со посебна ртрегуатива, а не на доброволна основа.

„Со статусот набљудувач РКЕ ќе ги има истите права и обврски како сите земји-членки на ЕУ, но без право на глас. Со тоа вработените и експертите од РКЕ рамнопрвано ќе можат да учествуваат во сите работни групи кои функционираат во АЦЕР“, рече Бислимоски.

По Црна Гора, нашата земја е втора во регионот со позитивно мислење за статус набљудувач. (Н.В.)