Ривалите на Мицкоски тврдат дека власта обезбедила поддршка и од пратеници на опозицијата


Фото: Б. Грданоски

Од Иницијативниот одбор за свикување конгрес на ВМРО-ДПМНЕ велат дека дури во политичките кулоари има информации дека власта обезбедила поддршка и од пратеници од опозицијата и дека тие вчера не гласале за доверба на владата само затоа што немало потреба.

„Дојде време, дојде час“ се вели во химната на ВМРО-ДПМНЕ, а сега е вистинскиот час, Христијан Мицкоски да ја ослободи партијата, да престане да шири раздор и да си замине, бараат од Иницијативниот одбор во оваа партија откако вчера во Собранието беше изгласана доверба на владата на Зоран Заев.

Од одборот, кој закажа и вонреден конгрес за 28 март, го обвинуваат Мицкоски дека лажел оти има обезбедено парламентарно мнозинство и свесно ширел еуфорија, но вчера, како што велат, членовите на ВМРО-ДПМНЕ добиле „ладен туш“.

„Вчера секој искрен и чесен член на ВМРО-ДПМНЕ очекуваше триумф. Му веруваше на сè уште актуелниот претседател Мицкоски и очекуваше новото парламентарно мнозинство, кое тој велеше дека го има, да му изгласа недоверба на Зоран Заев. Наместо прослава. Партиските членови добија ладен туш. СДСМ покажа дека нивното мнозинство е непроменето, а во политичките кулоари кружат информации дека власта обезбедила и дополнителна поддршка од пратеници од опозицијата кои не гласале, бидејќи немало потреба. Партијата вчера беше посрамена. Нема член на ВМРО-ДПМНЕ кој не се почувствува излажан, изманипулиран, потценет“, велат од Иницијативниот одбор.

Тие бараат тој да си замине пред да добие уште еден изборен пораз и да предизвика дополнителна штета на ВМРО-ДПМНЕ.