Ристовски ќе го тужи МОК пред Судот во Лозана: Mojaта суспензија се однесува само на Олимписки и Медитерански игри


Ракометниот голман на Вардар, Борко Ристовски денеска одржа прес-конференција по повод четиригодишната суспензија, која му ја изрече Македонскиот олимписки комитет (МОК), откако упати клевети против првиот човек на МОК, Даниел Димевски.

-Одлуката на Даниел Димевски е неправно издржана и се базира на страв и немоќ. Тој мисли дека со ваква казна ќе ме одврати од намерата да го завршам тоа што сум го почнал. Јас денеска настапувам како спортист, рече Ристовски и истакна дека нема да ја почитува, ниту ќе се жали на одлуката на МОК.

-Сакам да го повикам Јавното обвинителство, МВР и ДКСК да ме повикаат и да им ги доставам документиве што ги имам и да се стави крај на оваа олимписка лакрдија. Имам многу индиции за многу криминал. Немам намера или желба да се кандидирам за претседател на МОК, кажа поранешниот репрезентативен голман и додаде дека „се плашат од неговата борба против корупцијата“.

Ристовски подели документи до новинарите во врска со индиции за наводен сторен криминал од страна на Димевски.

-Сакам да нема криминал во спортот и вакви луѓе во спортот. Во оваа црвена папка ги имам сите документи. Позадината е стравот и црвената папка. Верувам дека РФМ ќе реагираат и нема да ја прифатат оваа игранка. Ова се однесува на Олимписки и Медитерански игри, а не за моето играње на ракометни натпреварувања. Секој нормален правник знае дека оваа одлука е смешна, додаде Ристовски.

Тој најави дека ќе го тужи МОК во Меѓународниот суд за спорт и арбитража во Лозана.

-Мојата цел не е да се земат финасиски средства од МОК. Колку и да биде оштетата, половина ќе биде дадена на РК Вардар, а половина на ФК Вардар. За оваа навреда и клевета, ќе си добие соодветна тужба во Лозана, информира Ристовски.