Не може да има простување за нелегалното прислушување, рече обвинителката Ристоска


„Главното прашање не е како се прислушувало, туку кој стои зад скандалот“, нагласи обвинителката Ленче Ристоска во завршните зборови за случајот „Таргет-Тврдина“

 

На крајот од завршните зборови на обвинителството Ленче Ристоска денеска побара максимална за обвинетите во случајот на масовното прислушување познат како „Таргет-тврдина“ затоа што е направена масовна злоупотреба на правата на граѓаните со следење на телефони во неверојатни размери.  Максимално запретената казна за Сашо Мијалков, Горан Грујевски и Надица Николиќ е пет години.

Според Ристоска, безбедносните структури не ги научиле лекциите од минатото, кога имаше два други големи случаи на прислушување, и посегнале по масовни злоупотреби. Ристоска ја отфрли забелешката на еден од сведоците, Зоран Верушевски, кој во судот рече дека постоел и збор „простување“.

„Нема да се сложам со сведокот Верушевски, кој истакна дека во речникот има збор простување. Сѐ додека проштеваме и дозволуваме неказнивост, ние потикнуваме незаконито постапување“, рече Ристоска.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.

„На обвинетите Сашо Мијалков и Горан Грујоски, кој е во бегство, повеќе од јасно им било какви се податоци се зачувуваат во системот за следење на комуникаци и какви се последици по нив може да има објавувањето на овие податоци. Поради тоа тие решиле да го уништат системот за следење на комуникации ‘Најс трак’”, рече  Ристовска.

„Обвинетиот Мијалков, како би оневозможил да се поврзе дека објавените разговори потекнуват од системот за следење на комуникаци во УБК со искористување на своето влијание и службена положба побарал од обвинитетиот Горан Грујоски да изврши службено дејствие што не би смеало да се изврши и да организира и спроведе ништење на системите за следење на комуникаци ‘Веринт’ и ‘Најс’, иако не постоело реална потреба од ништење на системот ‘Најс’”, образложуваше обвинителката Ристовска.

Мијалков, како што наведе обвинителката, во својата одбрана потврдил дека бил запознат со ништењето на системите и дека е не спорно оти тој ги дал насоките за ништење на системот „Најс”.

„Ништењето на опремата на УБК се извршувало на два наврати во 2015 година. Активностите за ништење на ова опрема започнуваат на почетокот на 2015 година. Сведокот Сашо Трајковски, појасни пред Суд дел од разговорот со Горан Грујоски ‘уште да го спакуваме системот со документи и ќе го ништам’. Така и се случило. Веднаш по 9 февруари 2015 година, кога прв пат јавно се објавуваат материјалите од незаконското следење на комуникациите, Горан Грујоски им дал налог на помладите инжиниери и текничари во УБК, системот ‘Веринт’ кој се наоѓал во систем салата на 4 кат да биде изнесен и симнат во гаража, посочи обвинителката Ристовска во завршниот збор.

Постоеле кориснички имиња со кои можеле директно од канцелариите да слушаат разговори. Г.Г. било корисничко име за Горан Грујевски, Н.Н. за обвинетата началничка Надица Николиќ, а имало и корисничко име „директор“, а тогашен директор на управата е Сашо Мијалков. Меѓу прислушуваните има политичари, членови на нивните семејства, новинари, адвокати, обвинители, градоначалници. Нивните имиња денеска повторно беа споменати во судницата како оштетени лица во една од најголемите афери за прислушување во земјата.

„Главното прашање не е како се прислушувало, туку кој стои зад скандалот“, нагласи Ристоска.

Наредното рочиште продолжува на 19 февруари, кога завршни зборови треба да дадат обвинетите и нивните адвокати. (Н.В.)