Ристо Вуков потпиша договор со италијанската екипа ГДЛ Рејсинг


Последната трка од годинешниот шампионат во Порше Карера Куп Италија, беше можност нашиот најперспективен возач Ристо Вуков Рико да се запознае со новиот тим, во кој планира да ја продолжи кариерата, на многу повисоко ниво од досегашното.
„Ова е сосема ново искуство за мене, организацијата на натпреварувањето е застрашувачка, се разбира позитивно. Се сретнав со Џанлука Де Лоренци, кој е поранешен возач и сопственик на тимот со исто име.
Потпишавме договор за следната сезона, ова ќе биде едно ново искуство за мене. Се надевам дека ќе ја искористам шансата да ги покажам моите возачки квалитети и да и донесам на нашата земја солидни резултати и радости на меѓународно ниво.“
Рико седнува во порше, возило кое е меѓу најспектакуларните во светот на автомобилизмот. Тоа за него е огромна шанса, но воедно и одговорноста ќе биде во исти размери.

„Автомобилот е прекрасен, фантастичен. Чувството е буквално како да си во болид. Кон крајот на февруари или на почетокот на март, ќе го донесеме возилото во Македонија и ќе направиме промоција.
Станува збор за големи брзини на патеката, на правецот на Монца се постигнуваат и 280 км/час. Поршето има зафатнина 4.000 ццм3 и 485 коњски сили, со маса од 1.200 кг што е релативно малку за едно такво „чудовиште“.“
Ристо Вуков вели дека конкуренцијата и можноста за напредок во кариерата, што му беше предизвикот и во она Србија во националната класа до 1150 ццм3, ќе му бидат главниот мотив во рамките на следната сезона.
„Има 25 возила, сите се скоро исти. Предизвикот е да се биде меѓу првите 10 на секоја трка, можеби меѓу првите 5.
Тестирањата почнуваат во март, нешто за што треба да се подготвам и психички и физички. Ова е сепак друга и многу поинаква димензија од онаа на која сме навикнати ние, возачите што доаѓаме од нашите простори.“
Шампионатот Порше Карера Куп Италија во 2020-та година ќе има сигурни 7 трки, а можно е во календарот да биде вметната уште една, за што ќе одлучи организаторот пред стартот на натпреварувањето.