Рисима Рисимкин избрана за член на Интернационалниот комитет на Сузан Делал центарот во Тел Авив
Кореографката Рисима Рисимкин е избрана за член од Интернационалниот комитет, кој за прв пат се формира во „Сузан Делал“ центарот за современ тaнц во Tел Авив, Израел. Ова е извонредна можност за создавање на нови конекции на највисоко уметничко ниво и проширување на можностите за развојот на современиот танц кај нас. Рисимкин е во друштво со извонредни уметници, како Самуел Вуерстен од „Holland Dance Festival“ од Холандија и Универзитет за убави уметности – танцов оддел, Цирих, Швајцарија; кореографот Ед Вуб, Скапино балет Ротердам од Холандија; Кристијан Вети, директор на фестивалот „Euro-scene “ Лајпциг, Германија; Иван Лиска, уметнички директор на „Bavarian Junior Ballet Munich “, Германија; Џејсон Бичеј, ректор на „Универзитетот за танц Палука“ од Дрезден; Германија, Лиса Розова, директор на „Март фондацијата“ и Ивона Кројзманова, директор на „Праха танец“ од Република Чешка; кои ќе споделуваат програми и ќе промовираат уметници.
„Навистина сум возбудена со оваа чест која ми е укажана, да бидам дел од ваков комитет, но и од Сузан Делал центарот, кој има извонредна репутација на светско ниво. Се радувам што нашите успеси се рангираат надвор од земјава, се признаваат и тоа ни отвора пат кон соработка со извонредни уметници на светско ниво. Тоа е можност за сите и ќе се потрудам најдобро да се искористат сите прилики“, изјави Рисимкин.
„Сузан Делал“ центарот е еден од најважните светски центри за промоција на современиот танц на светско ниво. Основан е во 1989 година, со мисија да ја негува, поддржува и промовира уметноста на современиот танц во Израел, преку огормна понуда на различни претстави, настани, фестивали, програми и работилници од светот на современиот танц и изведувачките уметности. Центарот „Сузан Делал“ иницира и е домаќин на танцови продукции од светска класа и едукативни активности, со што промовира високо квалитетни продукции и настани од областа на современиот танц. Центарот промовира десетици иновативни програми за негување и поддршка на нови уметници, обезбедувајќи платформи за прокажување на нови, ориганални продукции и пристап до нова публика. Тоа е најпосетуваното туристичко место во Тел Авив, со над половина милион посетители годишно.