Римокатолиците го слават Велигден
Верниците на Римокатоличката црква денеска го слават најголемиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден.
Традиционално во државава централното одбележување се одржа синоќа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, каде што беше отслужена Воскресна литургија.
На литургијата присуствуваа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Оливера Трајковска, претставници на верските заедници, граѓанските власти и дипломатскиот кор и личности од јавниот и општествениот живот. Велигденската литургија ја предводеше скопскиот бискуп и струмичко – скопски епарх, Киро Стојанов. Тој ја прочита воскресната проповед и им го честиташе празникот на католичките верници.
– Драги браќа и сестри!Велигденскиот пост, во римскиот обред, го започнавме со посипување пепел на нашите глави како знак на покајание и свест за сопствената ранливост и минливост, но и за нашата грешност, што нè охрабрува да се покаеме и да се вратиме кај нашиот Небесен Отец, изворот на секое добро.
Како и во претходните години, за жал и оваа година, за време на подготовките за прославата на празникот Воскресение Господово, слушаме вести што ни доаѓаат од подрачја зафатени со војна. Во февруари го започнавме нашето Велигденско патување кон прославата на Христовото Воскресение и во нашите умови и во потсвеста некако постојано се појавува и избива на површина фактот дека токму во овој месец се одбележува четири годишнината од почетокот на големата инвазија врз Украина, со што започна војната, која, како што вели папата Лав XIV, „како рана беше нанесена на целото човечко семејство“ и остави лузни врз многу генерации. Со голем копнеж и емпатија за сите оние што страдаат, постојано ги упатуваме нашите повици до Творецот на човештвото да ги охрабри срцата на оние што се одговорни за ова насилство да тргнат по патот на преобразување и да вложат напори за барање и воспоставување праведен мир.
На Блискиот Исток, крвта од минатите конфликти сè уште не се исушила на земјата каде што била пролеана, а нов конфликт веќе повторно се разгоре, ширејќи се во околните земји, со насилство и уништување, продолжувајќи да шири омраза и страв, што предизвикува кај нас загриженост. Христијаните во овие земји, исто така, како „мало стадо“, се обединети во човечко братство со други народи и заедници во земјите погодени од војната и доживуваат тешки искушенија во постојана опасност и неизвесност за нивните животи. Среде ваквото страдање, папата Лав постојано повикува на молитва за мир за да се запре татнежот на бомбите, да се замолчи оружјето и да му се даде можност на дијалогот во кој можат да се слушнат гласовите на народит, порача тој.