Рикер: Направивте многу, очекуваме наскоро да станете 30-та членка на НАТО и да добиете датум за преговори


Фото: Б. Грданоски

Северна Македонија преку Преспанскиот договор покажа пример за храбри решенија на проблемите и способност за придвижување напред кон позитивна и светла иднина. Во САД со восхит се гледа на она што вие и вашата земја го направивте. Во тој дух земјата треба да продолжи, а опозицијата да се вклучи во процесите. Земјата треба да овозможи владеење на правото и да покаже дека никој не е над законот, изјави денеска в.д. помошникот државен секретар на САД за Европа и Евро-Азија, Филип Рикер по средбата со премиерот Зоран Заев.

Тој очекува наскоро на Самитот во Лондон земјава да стане 30-та членка на НАТО, а на есен да го добие датумот за преговори со ЕУ. САД, како што рече, иако не се дел од ЕУ, постојано и даваат поддршка на Северна Македонија на тој пат, но и на билатералните средби со земјите членки ги поттикнуваат есенва државата да го добие долгоочекуваниот датум за преговори.

Имате, додаде тој, постигнато многу и треба да ги исполните зададените критериуми.

– На денешната средба со премиерот Заев ја подвлековме важноста од донесувањето на законот за јавно обвинителство. Имаме добра основа во предлогот и се радувам на неговото изгласување. Се надевам дека овој процес ќе заврши брзо заедно со опозицијата. Се надевам дека опозицијата, не само тука и во другите земји ќе биде витална за нивната иднина. Ова е одличен момент за сите да се здружат и да го завршат процесот, рече Рикер.

Во исто време, додаде, треба да обезбедите истрагите да бидат транспарентни, бидејќи како што потенцира, граѓаните го почитуваат тоа. Треба да и се покаже на јавноста дека владеењето на правото е од клучно значење и никој не е над законот.

Премиерот Зоран Заев е задоволен што Северна Македонија наскоро ќе стане членка на НАТО, што, како што рече е една од стратешките определби на земјата. Тој посочи дека досега 21 земја го ратификуваа протоколот за пристапување во НАТО, а САД, рече, го почнаа овој процес и во нивниот Сенат и очекува дека во септември или октомври оваа постапка ќе биде успешно завршена.

Заев верува и дека земјава наскоро ќе го добие долгоочекуваниот датум за преговори за што ја нагласи и исклучителната поддршката на САД во нашите аспирации за членство во ЕУ.

– Сите навестувања се дека во октомври ќе стигне долгоочекуваната одлука за старт на преговорите. Никој не сака нови разочарувања и изневерени ветувања, ниту во ЕУ, ниту дома, ниту во регионот. Никој не сака да се отвори шанса за зголемено влијание на недобронамерните страни во земјата и регионот. Сите го очекуваат признанието за исполнетите демократски реформи за најдоброто можно решение, за прашањето за соседите и за определбата на нашата земја да биде дел од западниот демократски свет, рече Заев.

Во овој контекст, рече, Владата е целосно посветена на реформската агенда на ЕУ, достави конкретен резултат во четири области како што беше побарано од заклучоците на Советот на ЕУ во 2018 година во соработка секако со опозицијата, а изрази подготвеност заедно со опозицијата да се донесе и законот за јавното обвинителство.

– Отворени сме и тоа постојано го повторуваме и за последниот заеднички исчекор со опозицијата во усвојувањето на Предлог-законот за јавно обвинителство за да и покажеме на меѓународната заедница, но и дома, дека сме единствени кога станува збор за нашите стратешки интереси, рече премиерот Заев.

Согласно агендата, високиот американски дипломат од Скопје замина за Тетово, каде во седиштето на ДУИ имаше средба со лидерот на партијата Али Ахмети. Предвидено е во текот на денов Рикер да има средби и со претседателот на државата Стево Пендаровски, со првиот човек на Собранието Талат Џафери и со други владини претставници. Помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, за време на посетата на Собранието, покрај со Џафери, ќе има средби и со пратениците од Независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“.