Рикер: ЕУ не треба да дозволи билатерални несогласувања да го запрат заслужениот напредок на Северна Македонија во интеграциите


 Европската унија не треба да дозволи билатералните несогласувања да го запрат заслужениот напредок на Северна Македонија во интеграциите, изјави помошникот-државен секретар на САД за Европа и Евроазија и поранешен американски амбасадор во нашата земја Филип Рикер, во своето обраќање на онлајн форумот „Да се биде безбеден“ во организација на Атлансткиот сојуз на Црна Гора.

Северна Македонија, посочи тој, исполни се и треба да и биде дозволено да напредува во евроинтеграциите.

– Ова е важен момент за ЕУ. Секако ние ја потикнуваме Бугарија да ги реши билатералните прашања со Северна Македонија надвор од пристапниот процес, додека истовремено ќе дозволи првата меѓувладина седница да се одржи годинава. Скопје и повеќе од тоа ја заслужи таа шанса и треба да продолжи да се движи напред, изјави Рикер.

Одлуката од март за отворање на преговорите со Северна Македонија и Албанија, посочи Рикер, беше потврди за целиот регион дека напорната работа и посветеност отвора врати.

– Секако ги отфрли и лажните тврдења од нашите геостартешки противници дека на Западниот Балкан никогаш нема да му биде дозволен влез во Евроатлантското семејство. Докажавме дека тоа не е точно, видовме напредок во НАТО и во ЕУ. Девет месеци подоцна од таа клучна одлука, одложувањето на исполнувањето на ветените чекори за отворање на преговорите со ЕУ ризикува, повторно да се воскресне прашањето за кредибилитетот на ЕУ во регионот, нагласи Рикер.

Се надевам, додаде Рикер, дека тие прашања ќе се надминат и нема да се дозволи поголем простор на надворешни актери со лоши намери.

– ЕУ и особено Западен Балкан се несомнено центар на геостратешки натпревар. Москва, како што знаете активно се спротивставува на западните интеграции. САД и ЕУ, од друга страна мора да останат цврсти на тоа дека за нашиот заеднички интерес најдобро е јакнење на демократските вредности, владеењето на правото и соработка базирана на заеднички вредности и иднина, изјави Рикер.

Додека Русија работи на политички хаос, посочи Рикер, Кина од друга страна ја купува лојалноста на регионот преку стратешки инвестиции и заеми.

Прашан за бугарското вето и што смета дека може да се направи за негово решавање, Рикер, рече дека иако САД не се членки на ЕУ, и немаат право на глас, сепак имаат право на став.

– Затоа веруваме дека ЕУ не треба да дозволи билатерални несогласувања да го запрат заслужениот напредок во евроинтеграцијата на земјите. Веруваме дека овие прашања треба да се решат надвор од процесот на пристапни преговори. Сметаме дека многу што да се покаже дека е можно и сметам дека Скопје и повеќе од тоа ја заслужува да продолжи напред. ќе продолжиме со надеж да видиме позитивно движење во таа насока, порача Рикер.