Рид од карпи се сруши на патот Кочани – Македонска Каменица – Делчево


Цел рид од карпи се урна на патниот правец Кочани – Македонска Каменица – Делчево во близина на село Истибања, кај местото „Саваро“ со што целосно е прекинат сообраќајот на патниот правец Кочани – Македонска Каменица – Делчево.
Според информациите од вработени во „Македонија пат“ теренот е незбезбеден, камења паѓаат на секои 5 минути и затоа возилата се пренасочуваат преку алтернативни сообраќајници.
-Свлечиштето започнало да паѓа околу 11 часот. Во тоа време имало само една цистерна која поминувала по патот, но кога видела дека паѓаат огромни камења возачот го запрел возилото. За среќа нема повредени. Од безбедносни причини патот е затворен за сообраќај, информираат од подружницата на ЈП „Македонија пат“ во Кочани.
На терен се наоѓа и државниот инспектор за сообраќај и патишта кој врши увид на местото  и со дополнителни информации се најавуваат во текот на денов.
Од „Македонија пат“  најавуваат дека во наредните два-три дена патниот правец Кочани – Македонска Каменица – Делчево ќе биде затворен за сообраќај, бидејќи ќе биде потребно минирање на останатиот дел од свлечиштето, а дополнително ќе следи и расчистување на теренот.