Рибери ќе игра уште година или две, а потоа ќе се врати во Баерн


Француското крило на Баерн Минхен, Франк Рибери има намера да одигра уште една-две сезони. 36-годишниот ветеран ги напушта баварците по крајот на оваа кампања, но нема намера да ја прекине кариерата.

– Имам неколку опции, но уште е премногу рано да се зборува што ќе се случи по крајот на сезоната. Ќе играм уште една-две години, по што сигурно ќе се вратам во Минхен, прокоментира Рибери на денешната пресконференција.

Тој додаде дека разговарал со клупските шефови да заземе позиција во клубот по крајот на својата кариера.

Французинот има над 400 официјални натпревари за шампионот на Германија, со кој освои 21 трофеј од 2007 година досега. Меѓу нив влегуваат осум шампионски титули во Бундеслигата, една Лига на шампиони, еден Суперкуп на Европа и еден трофеј од Светското клубско првенство.

Рибери ќе стане првиот играч со девет титули во Бундеслигата, ако Баерн го задржи првото место до крајот на сезоната.