РФМ ќе субвенционира 40 отсто од износот на билетите за натпреварите на националниот тим во Скопје на 5, 7 и на 9 ноември


 

Ракометната федерација на Македонија ќе субвенционира 40 отсто од износот на билетите за натпреварите на националниот тим од претстојното Ракометно првенство за жени  во Скопје, соопшти РФМ. Станува збор за билети од категорија 2 и од категорија 3, купени во периодот од 2 до 9 ноември 2022 година преку овластените агенции „Евентим“ и „МК тикетс“.

Од ФРМ појаснуваат дека цените на билетите за натпреварите од претстојното Ракометно првенство за жени ЕHF EURO 2022 имаат заштитена цена, која е дефинирана и утврдена од Европската ракометна федерација (ЕХФ) за четирите града во кои ќе се одржува шампионатот: Скопје, Подгорица, Љубљана и Целје. Билетите се поделени во три категории и се продаваат преку мрежата на „Евентим“ (официјалниот партнер на ЕХФ за продажба на билети), а наш национален дистрибутер е агенцијата „МК тикетс“.

Во согласност со барањата на љубителите на ракометот за обезбедување дополнителна пониска ценовна категорија на билети, Ракометната федерација на Македонија, по добиеното одобрение од европската куќа на ракометот, ќе субвенционира 40 % од износот на билетите од категорија 2 и од категорија 3, купени во периодот од 2 до 9 ноември 2022 година преку овластените агенции „Евентим“ и „МК тикетс“, соопшти РФМ.

Попустот на билетите за натпреварите на нашиот национален тим во групата Ц ќе се пресметува од денеска во 11 часот, а средствата за оваа намена ќе бидат обезбедени од спонзорите на РФМ.

Натпреварите против селекциите на Франција, Холандија и на Романија нашите ракометни  сениорки ќе ги одиграат во Арената „Борис Трајковски“ на 5, 7 и на 9 ноември со почеток во 18 часот.

Од РФМ посочуваат дека ракометарките се подготвени, а националната арена е целосно опремена според стандардите на ЕХФ за да ги прими љубителите на ракометот од целиот континент.

Капацитетот на салата, во согласност со стандардите за ова првенство, е максимум 5.000 седишта, а досега се продадени околу 2.000 билети.

„Им благодариме на сите љубители на ракометот и на целата македонска јавност за досегашната поддршка. Навиваме од срце! За кого? За Македонија“, велат од Ракометната федерација на Македонија.