Резултатите од локалните избори се префрлија на рочиштето за „Плацеви на Водно“


Адвокатите на Орце Камчев едвај да ѝ дозволија на обвинителката Лиле Стефанова да ги чита доказите постојано прекинувајќи ја

 

Изгледа дека резултатите од првиот круг на локалните избори се префрлаат и во судниците во Кривичниот суд. Денеска за време на рочиштетото на случајот „Плацеви на Водно“ обвинителката Лиле Стефанова речиси и да не можеше да го чита обвинението поради постојаните викотници од одбраната на обвинетиот Орце Камчев дека целата нејзина постапка била водена незаконски. Сѐ се сведуваше околу тоа дали и зошто Стефанова барала меѓународна правна помош преку својата мејл адреса на „Јаху“. Таа беше постојано прекинувана што судијата Илија Трпков едвај можеше да воспостави ред во судницата.

Главниот проблем, според адвокатите на Камчев, е што Стефанова наводно собирала докази од властите во Кипар и Белизе преку приватниот мејл и дека со тоа била нарушена законитоста на постапката. Стефанова одговараше дека само ја испратила својата мејл адреса за контакт, а дека замолницата официјално одела преку Министерството за правда. Судот ги отфрли барањата на одбраната, па Стефанова ги читаше доказите за трансакциите на парите од 2016 година наваму.

Но и во тоа адвокатите најдоа проблем – Стефанова ги читала доказите пребрзо, па ја прекинуваа многу пати. Нивното барање беше да ги гледаат доказите на мониторот без оглед што ги имаат во хартиена форма пред нив. Стефанова презентираше и докази за перење пари добиени од Британските Девствени Острови.

Откако заврши читањето на доказите беше повикан и првиот сведок, адвокатот Лазар Бошњаковски од Скопје, кој го поврзал продавачот на земјиште шума на Водно, со Александар Ивановски, познат како Алек Теранова, преку кого одеше купувањето продажбата и изградбата на многу објекти во Скопје.

Процесот се води за плацевите што ги купил поранешниот премиер Никола Груевски на Водно за 1,2 милиони евра. Обвинителството тврди дека Груевски ги зел овие пари од членарините на луѓето од ВМРО-ДПМНЕ. Обвинителството понатаму тврди дека Груевски ги испрал овие пари со помош на другите обвинити – Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ристо Новачевски, кум на Груевски, адвокатот Ненад Јосифовиќ и Ратка Куновска–Камчева.